Уметност и екологија: Заедно и со уметност против девастацијата на јавното добро

Центарот „Локомотива“ го презентираше смелиот проект во развој на Ана Лазаревска, што ги претставува урбаните градини како сврзни ткива на градот, каде што се хармонизираат луѓето, животните, растенијата и микроорганизмите.

Светот на уметноста во овој век, а уште повеќе во последнава деценија, е многу различен од оној што го познававме порано. Скопје се гордее со уметницата Ана Лазаревска, која вешто ги спојува уметноста и екологијата, а смелиот процес сѐ уште е во развој.

Делото „Урбани градини: сврзни ткива“ беше презентирано минатиот месец од страна на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ и Биљана Тануровска – Ќулавковски како куратор на програмата. Настанот се одржа во рамки на програмата „Други простори/Уметност Клима Промена“, а цел на проектот е мапирање на улогата и одговорноста на културата и уметноста во нашето општество и спротиставување на екстрактивистичките пракси и девастацијата на јавното добро и средина.

Современата уметност денес ги одразува сложените прашања што го обликуваат нашиот разновиден, глобален и брзо менувачки свет. Насочена е кон различни искуства и ја следи хронологијата на современото живеење. Авангардните уметнички потфати се совршен израз на овој тренд. Во тој контекст, многу уметници мешаат медиуми и форми, правејќи го изборот што најдобро им служи на нивните концепти и цели. Секоја локација низ светот има уметници кои одговараат на локалните географии и истории, како и влијанието на глобалната визуелна култура.

Во изјава за „Културен печат“, Лазаревска појаснува кои се фокусните точки на локациите за ревитализирање на еко-девастирани простори со нови содржини.

– Мапирани се дваесетина јавни простори низ Скопје, некои од локациите се напуштени, заборавени, разрушени места полни со ѓубре, а некои се зелени површини околу населени места, кои се неискористен јавен простор. Избраните локации имаат потенцијал да бидат трансформирани во урбани градини што ќе ги задоволат потребите за заедничко делување, споделена одговорност и грижа кон заедничкото, надвор од механизмите на капитализмот – ни изјави Лазаревска.

Околу времената рамка, таа дополни дека проектот е во почетна фаза на својот развој и дека ја преиспитува можноста за соработка, коорганизација и преземање колективна одговорност помеѓу институциите, независниот сектор и граѓаните.

„Покрај поддршката од ’Локомотива‘, проектот има за цел да оствари соработка со други уметници, инженер по хортикултура и луѓе кои работат во областа на пермакултурата“, најави Лазаревска, потенцирајќи дека идејата е пораката да допре до политиките на делување со цел зачувување и развој на јавното добро и средината што е заедничка за сите.

– Замислата е преку позитивен пример на делување, остварување идеи и одржливи пракси да влијаеме врз свеста на народот и државните политики, дека промена е потребна, а решавањето на проблемите е возможно со заедничко делување. Урбаните градини се замислени како сврзни ткива на градот каде што се среќаваат, се соединуваат или се разменуваат повеќе аспекти на постоењето. Неопходно место каде што луѓето, животните, растенијата, микроорганизмите се хармонизираат и делуваат кон разбирање и почитување на различностите, прифаќање на другоста и разбирање на поврзаноста, меѓузависноста и потребата на сите елементи, неопходни за здрав раст и развој на заедништвото – објаснува Лазаревска за „Културен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот