Уметниците Жмијевски и Алтхамер ја збогатуваат уметничката колекција на МСУ

Веќе четврти ден по ред европскиот уметнички тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер создаваат нови дела во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје. Возбудливо е да се посведочи на нивниот колаборативен процес на работа, насловен како „Отворено студио“, истакнуваат од МСУ. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.

Во текот на овие две недели, полските уметници ќе создадат 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони… Посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали, и со тоа да придонесат во создавањето на делата.

На 14 јули во МСУ ќе биде отворена нивна изложба, токму со овие креирани дела, насловена како „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.

Голем куриозитет е што дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори.

Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк, ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда.

На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници). Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела, информираат од МСУ.

На 8 и 12 јули, во 20 часот, кустосот Бојана Јанева ќе организира ноќни тури низ МСУ – Скопје, каде посетителите покрај тоа што ќе можат да ги погледнат актуелните изложби, ќе имаат и ретка можност со личен водич да посведочат на креативната работа на Жмијевски и Алтхамер.

Минатата година Жмијевски за првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот. Уште еден ексклузивитет е што ова ќе биде првото претставување на Павел Алтхамер во Скопје.

Видео на денот