Уметници и волонтери учествуваат во еколошкиот проект „Заедно дишеме“

Во тек е четиридневната уметничка работилница за креирање „лендарт“ покрај автопатот Скопје – Велес, близу железничката станица „Рајко Жинзифов“, во месноста Лавчани. Настанот трае од 5 до 8 август и е дел од проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева.

„Лендарт“ е движење што се јавува во 60-тите и 70-тите години преку креирање уметнички дела со природни материјали на отворен простор. Целта на проектот е преиспитување на начините на кои ѝ пристапуваме на природата, подигнување на свеста за екологијата и активно делување на заедницата во решавање на проблеми на микро ниво. Во партиципативниот проект, уметници и волонтери од Скопје, Велес, Неготино и Кавадарци создаваат инсталации со природни материјали и со рециклирање на отпадна хартија.

Учествуваат уметниците Симона Манчева, Ана Трајковска, Ристо Јосифовски – Ромбо, Доротеј Нешовски, Елена Димова Пантелиќ и Славица Капиданова, како и волонтерите Уна Стошиќ, Викторија Чочева, Верица Чочева и Дарко Стојанов.

Настанот има и интерактивна работилница за пермакултура, со правење семенски бомби. Реализатор е Елена Данова, едукаторка со искуство во областа на пермакултурата и едукативното градинарство.

Проектот „Заедно дишеме“ содржи три етапи. Првата опфаќа размена на искуства, каде уметниците и екологистите прават инсталации од природни материјали. Иако е време на дигитални медиуми и комуникација, сѐ уште се сечат многу дрвја за производството на хартија.

Заради тоа, втората фаза опфаќа работилници за рециклирање на хартија, предводени од Ана Трајковска и Драганчо Таневски, а во соработка со ЈП „Комуналец“ и одделението за хортикултура на општина Кавадарци.

Третата етапа е во соработка со Македонски шуми – „Бор“ – Кавадарци и планинарскиот клуб ЗПК „Зелен брег“ – Кавадарци. Нејзина цел е подигнување на свеста за климатските промени што дополнително се влошени од шумските пожари.

Настанот е реализиран во соработка со КСП „Центар-Јадро“, и е дел од проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. (Е.П.)

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 140, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот