Уметничко-просторна инсталација на Мартина Спасовска го истражува концептот на лузните
Самостојната изложба со наслов „Прегрнати лузни“ на младата уметница Мартина Спасовска на 3 септември, во 20 часот, ќе биде отворена во Центарот за современи уметности – Мобилна/монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Уметничко-просторната инсталација на Мартина Спасовска претставува проект што го истражува концептот на лузните како симболи на човечките искуства. Користејќи големи платна што висат од таван до под, уметницата создава интерактивен простор во кој публиката може да се соочи со своите лични и универзални искуства.
– Инсталацијата вклучува висечки скулптури од отпаден текстил кои се обработени на начин што им придава изглед на различни видови лузни. Преку оваа визуелна интервенција, Спасовска ги истражува како физичките така и емоционалните рани прифатени како дел од нашата животна приказна. Секоја лузна на платното носи со себе уникатна приказна – било да се работи за суетни флеки или изразени белези, кои симболизираат различни аспекти на нашите искуства и животни моменти.
Инсталацијата не само што ги прикажува лузните, туку и ги истражува нивните длабочини и значења. Разновидноста на текстури, од мазни и еластични до груби и рапави, служат како метафора за различните начини на кои нашите искуства и предизвици го обликуваат нашиот идентитет.
Интеракцијата на публиката со инсталацијата, поминувајќи помеѓу скулптурите, создава можност за размислување и прифаќање на сопствените несовршености. Спасовска преку својата работа не само што ја истражува уметноста на лузните како физички белези, туку и ја поттикнува публиката да размислува за начинот на кој тие лузни, било да се видливи или невидливи, играат клучна улога во обликувањето на нашите животи и идентитет – истакнува Анита Ивковиќ од Центарот за современи уметности.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и туризам на РСМ.
Мартина Спасовска е млада визуелна уметница. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – насока сликарство во 2023 година. Нејзината уметничка практика се фокусира на истражување на различни емоционални човечки состојби користејќи го човечкото тело како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ.
Спасовска има учествувано на неколку групни изложби во Македонија, Англија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција. Првата самостојна изложба ја реализираше во 2023 година во Младински културен центар во Скопје.