Уметничкиот центар „Полифонија“ ќе одржи два концерта на „Скопско лето“

Уметничкиот центар „Полифонија“ од Скопје својата сезона за 2021 година ќе ја почне на 24 јуни со два концерта на камерна музика во изведба на домашни солисти и гости од Канада и Србија, а во рамките на програмата на „Скопско лето“.

Двата концерти на камерна музика кои уметничкиот центар „Полифонија“ ќе ги изведе на 24 јуни се сосема различни по својот карактер, а сукцесивно ќе се одржат од 20 и 21 часот во Музејот на македонската борба. Првиот е со наслов „Моцарт и кларинетот“, а ќе настапат кларинетистот Бранко Павловски co ансамблoт „Полифонија“ предводен од виолинистката Сања Шуплевска заедно со гостите Јулија Хагер (пијано), Германија, Станислава Алаѓозовски (виолина), Србија, Сашка Стојановиќ – Крстиќ (виола), Србија, и Кирил Калмиков (виолончело), Канада.

Моцартовиот популарен кларинет-квинтет е едно од најраните дела напишани за овој инструмент, кое до денес се вбројува меѓу најзначајните и највоодушевувачки дела на славниот композитор. На вториот концерт ќе настапи дуото „Хагер – Калмиков“ и ќе изведе дела за виолончело и пијано од Черепнин и Раум, додека со виолинистката Сања Шуплевска ќе го изведат и делото Пијано трио бр. 2 од Шостакович.

– Оваа музика на Шостакович е несомнено една од најинтригантите и највпечатливи композиции од целиот репертоар на камерната музика. Делото го окупирало Шостакович во 1943-44 година и ги отсликува трагичните околности на периодот во кој е напишано, како и загубата на најблискиот пријател, музикологот Иван Солертински. Оваа сосема разбирлива, истовремено опсесивна музика предизвикува сочувство, поистоветување и носталгија кај секој слушател, истовремено интензивирајќи го основното чувство на нелагодност, кое се движи помеѓу моменти на лутина и пркос и оние на пустош. Автобиографското дело на Шоштакович истовремено и лично ме засега. Моите почетни денови како магистерски студент во Западна Канада во далечната 1997 година беа поврзани токму со оваа композиција. Во тоа време факултетскиот кадар од Универзитетот на Калгари имаше намера брзо да ја процени мојата стабилност како виолинист при што ми го додели токму ова дело како прв проект. Во дадениот момент музичарите што го сочинувавме триото бевме единствените странски изведувачи при музичкиот отсек и само што пристигнавме од дома – Македонија, Советскиот Сојуз и Куба. Секој од нас со себе носеше различен ментален склоп на едукативно-културна позадина. Одеднаш се најдовме во исти околности, а оваа музика сосема едноставно ги намали разликите, ни помогна во премостувањето на тешкиот момент на осаменост и носталгија, како и за прилагодувањето кон драстично нов стил на живот – открива виолинистката Сања Шуплевска, уметнички раководител на „Полифонија“ и на Канадскиот музички центар во Скопје.

Уметничкиот центар „Полифонија“ ќе има и други настани во текот на годината. Програмата на центарот веќе 20-ина години ја креира фаготистот Орце Ицковски. Во летниот период се предвидени неколку предавања, семинари и концерти за деца од различни националности со цел презентација на културното наследство на нашата држава. На 30 јули, на затворањето на „Скопско лето“, ќе се одржи концерт на Давор Јордановски и презентација на албумот „Вода“ во соработка со солистите на „Полифонија.

Со копродукцискиот проект „Фантомски приказни од операта“ на 9 август „Полифонија“ ќе настапи на џез-фестивалот „Нишвил“, каде што ќе учествуваат 13 македонски солисти. Наесен се планирани гостувања во Рим и во Софија, додека во ноември ќе биде презентиран нов компакт-диск на Сања Шуплевска, со кој ќе се одбележат 35 години на нејзината меѓународна кариера како репродуктивен уметник.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 85, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-20 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот