Уметнички танц активизам за подигнување на свеста

Во објектот „Мала станица“ при Националната галерија на 26 ноември, во 19 часот, ќе започне првиот од серијата настани насловени како „Простор за разговор“ или „Dancing (Talking) Table“ во организација на „Интерарт културниот центар“, со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје.

Во контекст на темата, родовата еднаквост и семејното насилство, настанот ќе започне со танцов перформанс што ќе го изведат танчерите на Скопје танцов театар и подмладокот на компанијата, студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Веднаш потоа, ќе се прикаже танцовиот филм со истиот наслов, за кој инспирација беа сведоштвата на жртви на родовата (не)еднаквост и семејното насилство.

По филмот ќе слушнеме тројца активисти кои ќе говорат од различни аспекти на темата, и тоа: Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство; Огнен Јанески, Амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ, и Ана Зафирова, новинарка и активистка.

Танцовиот перформанс „Dancing Table“ е во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески и подмладокот од Катедрата за современ танц при УГД: Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела Ангела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска, Стефанија Милевска Враниќ.

Проектот има за цел преку уметнички активизам да се подигнува свеста за родовата (не)еднаквост и семејното насилство, а во текот на пролетта 2023 година ќе патува низ десетина градови во земјава со цел да се поттикнат активностите и свесноста на што поголема територија.

Директорот на „Интерарт културен центар“, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е „важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот