Уметнички проект: „Човекот во жолтото заштитно одело“ на Небојша Гелевски – Бане

Минатонеделниот шеесетчасовен карантин мошне ефектно и максимално креативно го искористи македонскиот графички дизајнер Небојша Гелевски – Бане, кој во текот на трите дена го создаде уметничкиот проект „Човекот во жолтото заштитно одело“ – Арт(и)золацијата за време на пандемијата ковид-19.

– Вирусот стана сеприсутен. И физички и метафорички. А нашата тотална исповрзаност и преплетеност – меѓу луѓето, предметите и природата – го илустрира најдлабокото влијание на пандемијата врз нашите општества, напиша Гелевски на својот фејсбук-профил, и додаде:

Главниот лик е „научник“ во заштитна облека, и е персонификација на напорите на обичниот човек да се справи со предизвиците, да гo разбере и да се прилагоди на живеењето во времето на корона. Осаменоста, немата комуникација, понекогаш мрачната атмосфера, се контрастираат меѓусебно на фотографиите, кои прикажуваат и среќни моменти, како што е допирот со природата или комуникацијата со пријател, но без вообичаениот човечки допир.

Криејќи се од вирусот, во постојани промени на расположението, ненадејно откриваме микро космоси, кои обично ги занемаруваме. Гледајќи се себеси како предмет, нашите реакции и меѓуодноси ни се отвора фина подлога за размислување: во која насока ќе се промениме? Ќе станеме ли помудри по корона-изолацијата?

Сите инсталации и фотографии се направени дома, во Влае, во Скопје, за време на 61 часовниот карантин (10-12 април, 2020), т.е. полициски час.

Дејствувајте одговорно, останете дома и почитувајте ги препораките на медицинскиот персонал, научниците и надлежните органи. Останете безбедени! – потенцира Небојша Гелевски – Бане.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 27, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-20 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот