Уметнички презентации на КСП „Центар-Јадро“ за актуелизирање на авторскиот печат и интегритет

Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во кафе-книжарницата „Буква“ почна со реализацијата на серија презентации посветени на македонските визуелни уметници. Се планира со програмата да биде опфатен избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и кои со своите дела, темите што ги обработуваат и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти. Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Серијата презентации беше отворена со избор на впечатливите дела на Игор Тошевски, создавани во последните три децении, во време на сложен развој на настаните по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Југославија. Преку својата уметничка активност, која опфаќа различни медиуми и впечатлив суптилен ангажман, Тошевски на специфичен начин ги преиспитува улогата на уметноста во социополитичкиот контекст, нивната нераскинлива врска и можностите преку симболичкиот простор да се дејствува врз општествената реалност.

Игор Тошевски, Слободни територии (2004)

Меѓу делата кои го одбележаа не само творештвото на Тошевски, туку и станаа амблематични за придонесот на локалната и регионална уметничка сцена, неодминливи се инсталацијата „Досие ‘96“, потоа серијата интервенции насловени „Слободни територии“, како и реконтекстуализираните инсталации започнати со самостојното претставување во МСУ-Скопје во 2012 година, како „Љубовта неразбирлива“, кои во различни форми се развиваа преку процеси на симболичко омеѓување и мапирање, а кои ја задржуваат својата релевантност и денес, кога се соочуваме со најновите актуализации на нерешените идентитетски и територијални спорови во регионот и во светот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот