Уметнички дела изработени од мурано стакло ќе бидат изложени во „Арт хаб“ во Скопје

Покана за настанот

Во Уметничкиот центар „Арт хаб“ во Скопје на 8 јуни, во 20 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовната уметница Марта Поп Антоска Башевска. „Арт хаб“ се наоѓа во ГТЦ, 2 кат, локал 306.

Станува збор за изложба на „Glass аrt“ во Македонија на којашто ќе бидат презентирани над 30 скулптури изработени од мурано стакло, како и предмети од применета уметност и моден дизајн. Изложбата ќе биде отворена до 28 јуни 2023 година.

Текстот за каталогот на изложбата го напиша историчарката на уметност Маја Чанкуловска.

– Скулптурите и сликите-објекти на Марта Поп Антоска Башевска не само што го оплеменува човековиот животен простор, туку истиот и го дефинира преку својата појавност, што е еден од основните принципи на уметноста. Притоа, нејзините стаклени скулптури, изработени по принципот на топење на стаклото, се перцепираат како синтеза на скулптури и слики.

Чувствувајќи ги сите деликатни карактеристики на материјалот и почитувајќи ги сложените принципи на фузија на стаклото, односно процесот на негово топење, творбите на Марта Поп Антоска Башевска (една од ретките уметници кај нас која сосема е посветена на изработка на дела во стакло) ги поместуваат границите на овој цврст и кршлив материјал.

При оваа фузија се постигнува ефект на органска материјалност, самите форми сугерираат брановидност и флуидност и креираат сопствена патека која се шири во хоризонтала и во вертикала. Секоја форма за себе нуди одвоена и комплексна уметничка приказна исполнета со мноштво на бои, пигменти и минуциозно презентирани детали во некогаш сложена, а некогаш поедноставена композициска целина.

Ликовноста во овие приказни е реализирана преку ненаметливите референции на сознанијата од кубизмот со имплицирана нагласена линеарност и плошност и, секако, рафинираноста на Виенската сецесија, односно Климтовата симболична колоритност, разиграност на површината и нејзините елементи, особено златните листови.

Асоцијативноста во сложните стаклени скулптури на Марта Поп Антоска Башевска се движи во повеќе насоки, па така преку меурите, листовите, покрупните и поситните фрагменти на моменти налик на ѕвездена прашина, откриваме (под)водни, космички и/или растителни светови (и бескрајни надреални комбинации на сите овие светови).

Скулптурите коишто се изработени во изминативе пет години, како и на најновите мозаици и слики, се израз на посветениот процес на изработка преку постојано експериментирање со материјалот, формите и боите, резултирајќи во фантастични безгранични светови на приказните коишто ни ги отвора авторката – напиша Маја Чанкуловска, која и ќе ја отвори изложбата во „Арт хаб“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот