Уметничка инсталација создадена како жив организам ја доби наградата „Денес“

Уметницата Ивана Мирчевска е добитничка на 16-тата награда „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години. Наградата се доделува во организација на „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“ – Скопје, во соработка со Центарот за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ – Њујорк и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“ – Њујорк.

На изложбата на четирите финалисти, што ќе може да се посети до 14 јули во Националната галерија – објект „Мала станица“, Мирчевска се претстави со својата хибридна инсталација „Медиум пукнатина: Aлтернативен сет на подлоги за искачување“ од 2021 година.

– „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ е хибридна инсталација составена од видеоснимки, објекти, текст, 3Д-анимации и звучен пејзаж, кои гледаат и ги регистрираат постојните пукнатини на планината Водно – визуелни и тактилни траги од постојаното нагризување и приграбување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување – објаснува Мирчевска, и додава:

„Трагајќи по ново и имагинативно разбирање на овој трансформиран пејзаж и во улога на истражувачи и ископувачи, јас и моите соработници се обидуваме да изградиме спекулативна средина врз остатоци од материјалната култура, разни агрегатни состојби на меморија, звучни духови и визуелни прогони, во кои контурите на пејзажот, неговите жители и нашите тела се во постојано взаемно трансформирање и постанување“.

Младата уметница Ивана Мирчевска со својата хибридна инсталација „Медиум пукнатина“ ја доби наградата „Денес“ за 2022 година

Мирчевска е родена во 1992 година. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, а магистрира на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано. Активно учествува во локалната независна и експериментална уметничка сцена, соработувајќи со колеги од различни дисциплини.

Нејзините истражувања се фокусирани на спојот помеѓу технологиите на визуализација и просторната конфигурација на погледот и телото. Во „Медиум пукнатина“, Мирчевска спојува многу интереси: современи и политички дискурси во трансдисциплинарните области на хуманистичките и општествените науки, екологија, урбан развој и трансформација, родови нормативни феноменологии, дихотомии природа/култура и тело/технологија.

Нејзините истражувања се фокусирани на спојот помеѓу технологиите на визуализација и просторната конфигурација на погледот и телото

– „Медиум пукнатина“ е проект што се надоврзува на моите досегашни истражувачки уметнички интереси, кои произлегуваат од преиспитувањето на визуелните технологии, разбрани како материјални и дискурзивни апарати, и нивното тактилно и афективно посредување помеѓу нашите тела и местата на припадност. Тргнувајќи од трансформираниот пејзаж на планината Водно како историска фигура, ориентациска точка и дискурзивно битие, ова контекстуално и интердисциплинарно уметничко истражување се повикува на еколошки предизвици, геолошки и телесни формации, хибридни практики на ископување, локални космологии што го зафаќаат овој простор. Притоа, истото се обидува критички да се ангажира со родовите и природо-културните бинарни категории, својствени за патријархалните и антропоцентричните визуелни наративи, во пресрет на прекаријатната иднина и еколошките кризи – објаснува Мирчевска.

Наградата подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во „Residency Unlimited“, но им овозможува и на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со меѓународна жири-комисија и да создадат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Ивана Мирчевска со жири-комисијата за наградата „Денес“

– На „Residency Unlimited“ гледам како одлична можност и простор да посветам два месеца на истражувања и продукција на моите тековни проекти. Дополнително, да бидам во контекст каде можам да ги отворам сопствените уметнички истражувачки процеси пред колеги уметници, истражувачи, куратори итн., преку кои би можела да ја надградам сопствената уметничка практика и начините на кои таа се обидува да комуницира со другите – заклучува Мирчевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот