Ултиматумот на Митрофанова истекува во 12 часот, ќе останат ли руските дипломати во Бугарија

Елеонора Митрофанова, руска амбасадорка во Софија/Фото: Скриншот/БНТ

Истекува рокот што Руската Федерација и го даде на бугарската влада преку руската амбасадорка Елеонора Митрофанова да го откаже протерувањето на 70 руски дипломати. Митрофанова постави ултиматум за прекин на дипломатските односи доколку одлуката за протерувањето денеска до 12 часот не се отповика.

Таа на МНР му предала усна нота со која бара повлекување на нотите за вработените во руските мисии во Бугарија кои се прогласени за персона нон грата

Во својот став, руската амбасада наведува дека сметаат дека „протерувањето на 70  руски дипломати вработени на територијата на Република Бугарија е невиден, клеветнички, апсолутно неоснован и провокативен чин кој ја поткопува основата на руско-бугарските односи“.

Во објава на Фејсбук, бугарскиот премиер во заминување Кирил Петков апелираше до руската амбасада да ја повлече нотата, велејќи дека бугарско-руските односи можат да продолжат да се развиваат во области од заемен интерес, со почитување на вредностите важни за секоја од земјите. Претседателот на Бугарија Румен Радев го повика Петков да свика состанок на Министерскиот Совет за да се проценат последиците од ескалацијата на кризата во билатералните односи и да се донесе одлука согласно сите законски процедури.

На сослушувањето во Народното собрание, пратениците ги ислушаа министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска и претседателот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) Пламен Тончев. Генчовска нагласи дека не потпишала усна нота за протерувањето на руските дипломати и оти решението на дипломатската криза моментално е во рацете на премиерот во заминување.

Претставниците на „Има таков народ“ и на „Преродба“ повторно го искористија моментот да го обвинат Кирил Петков дека донел еднострана одлука, тврдејќи дека ги користел службите за свои цели.

Митрофанова прашува: Зошто 70 луѓе

Од своја страна амбасадорката Митрофанова во интервју за БНТ ги отфрли обвинувањата за шпионажа од страна на руските службениците во дипломатско конзуларните претставништва на Русија во Бугарија.

-Кога ќе го повикаат амбасадорот во МНР и ќе кажат дека сакаат да ги протераат дипломатите, мора да покажат дека ДАНС има податоци против конкретни луѓе. Да кажат што направиле и да објават дека тоа го сметаат за незаконско. Ако има докази, тогаш секако избркајте ги. Но зошто 70 луѓе? Што значи тоа против интересите на Бугарија? Пред се, секоја амбасада насекаде работи за интересите на својата земја, како и за развој на односите во земјата во која се наоѓа. Но, кога на овој список е ополномоштениот министер, кој е Бугарин, кој го знае јазикот, кој знае голем број луѓе или генералните конзули, кои работат во земјата и кои половина Бугарија ги познава, рече Митрофанова.

Запрашана дали е запознаена со истрагата на бугарското обвинителство од 2 март годинава кога бугарски генерал и руски дипломат се осомничени за шпионажа, руската амбасадорка одговори немало докази за овој случај.

– Дали разбирате ако разгледуваме некакви средби со бугарскиот колега или личност што ја познавате од старите добри времиња кога комуницирале војската и разузнавањето. Имаме официјален разузнавачки претставник во амбасадата и ДАНС многу добро го познаваат. Имаме службеник за безбедност кој се занимаваше со прашања за тероризам и предавање на престапници. Имавме воено аташе, а сега сите наши воени претставници т.е. официјалните претставници на воениот оддел се протерани, рече амбасадорката.

Митрофанова го обвини премиерот во оставка Кирил Петков имал задача да протера се што е руско во Бугарија и тоа го сторил.

-Мислам дека му беше дадена една задача да избрка се што е руско, се што е поврзано со Русија. Се разбира, специјалната воена операција придонесе за овој процес во западните земји – да се отфрли се што е руско. Но, тој е човек без корен кој апсолутно не разбира. Да ја сменеше својата реторика и да не зборуваше како што зборува, мислам дека ќе имаше многу долг политички живот, децидна е Митрофанова.

Преродба поднесува обвинение против Петков

Лидерот на Преродба Костадин Костадинов најави дека партијата денеска до обвинителството ќе достави извештај за криминалот што го направил премиерот во оставка Кирил Петков – злоупотреба на службената положба, а се однесува на протерувањето на 70 дипломати и вработени во руската амбасада и конзулати во Бугарија.

Костадинов рече и дека ќе инсистираат на поништување на одлуката на Народното собрание  со кој се даде зелено светло на владата во оставка да го потпише францускиот предлог за преговори на РСМ со ЕУ.

Причината за тоа е што предлогот е ревидиран.

„Вчера дознавме дека Макрон испратил предлог до Скопје, кој е ревидиран. Ќе бараме да се поништи одлуката на Народното собрание бидејќи има нови околности“, посочи Костадинов.

ГЕРБ го поддржа протерувањето на дипломатите

-Рековме пред неколку месеци дека ќе бидат поддржани сите владини акции поврзани со акциите на Русија. Сесрдно го поддржуваме членот 11 во однос на соодветно присуство на дипломати. Мораше да се случи на друг начин. Министерот за надворешни работи со премиерот да го објават пред вас извештајот на службите или лично да преземат одговорност. Односно да објават дека сакаат реципроцитет на дипломатите, рече лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов.

Тој додава дека треба да се продолжи со израмнувањето на дипломатите.

-Не смееме да отстапиме. Ја имаат нашата поддршка. Во спротивно, тоа значи дека се откажуваме од суверенитетот. Ги поддржуваме акциите на бугарската влада. Ние би го направиле тоа на друг начин, а не би ги прекинале дипломатските односи. Бугарскиот народ сакаше промена и тоа го носи ова. Следат избори и народот ќе го каже својот збор. Милијардите што се слеаа во нивните буџети од руски компании и посредници се непоправливи, рече Борисов.

Инаку Петков одлуката за протерување на руските дипломати ја протолкува како обид да се постигне реципроцитет во однос на дипломатските претставници во двете земји.

-Бугарското присуство во нашата амбасада во Русија брои само 12 лица, а руската амбасада во Бугарија ќе има можност да задржи 43 вработени, според одлуката што ја донесе вчера бугарската влада,  рече премиерот во оставка Кирил Петков како коментарот на ултиматумот на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова дека Москва размислува за прекин на дипломатските односи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот