Ултиматумите на Лапорта: Отказ, раскин на договор, суд или трибини

фото: EPA-EFE/Andreu Dalmau

Претседателот на Барселона е одлучен експресно да ја реши финансиската криза во клубот.

Долговите на шпанскиот гигант се поголеми од една милијарда, а клубот сега ќе беше банкротиран доколку на чело остана поранешниот претседател Хосеп Марија Бартомеу, а на негово место не дојдеше Жоан Лапорта.

Останувањето на Бартомеу ќе значеше заминување на Лионел Меси и со тоа клубот дефинитивно ќе банкротираше. Лапорта се врати на претседателската функција во најлош момент, но го прифати предизвикот и сака да ја консолидира финансиската ситуација во најбрз можен рок.

Тоа го прави на невообичаен начин, од речиси сите играчи бара да се согласат на намалување на платите во замена за подолги договори, но има играчли кои ги одбиваат неговите понуди, или одбиваат да си заминат. Тука најголема главоболка му создаваат Самуел Умтити и Миралем Пјаниќ, а потоа и Жорди Алба, Илаиш Мориба и Осман Дембеле.

Миралем Пјаниќ/Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Умтити и Пјаниќ одбија да им биде намалена платата и не им се оди од „Камп Ноу“. Тоа посебно се однесува на Умтити кој сè уште смета дека може да успее во Барселона. Клубот му понуди раскин на договорот и „чисти“ документи, но Французинот го одби ова. Поради тоа Лапорта се одлучи да направи за него невообичаен потег, наводно им порачал на агентите на фудбалерот дека е подготвен да оди на суд доколку одбијат да соработуваат и да седнат на преговарачка маса.

Ситуацијата со Пјаниќ е малку „поблага“, тој со задоволство би си заминал од Барселона, сака да се врати во Јувентус, но не за помала плата од таа што ја има сега во шпанскиот тим. Наводно Лапорта и на него му порачал да ја прифати понудата за раскин на договорот или да се пресели во Јувентус за помала плата бидејќи во спротивно ќе биде тужен.

Жорди Алба/ EPA-EFE/Toni Albir

Жорди Алба исто така одбива да се согласи на намалуање на платата, но Лапорта има проблем во овој случај бидејќи дел од управата не сака да биде продаден левиот бек. Поради тоа претседателот најавил дека нема да го тужи Алба, но сигурно ќе го продаде доколку пристигне примамлива понуда.
И на Дембеле и на Мориба им се понудени нови договори, но кај нив ситуацијата е поинаква бидејќи клубот сака да ги задржи. Но, Мориба ја одби понудата и поради тоа е тргнат од првиот тим, дури му е забрането да тренира и во Б тимот на Барселона. Лапорта на него и на Дембеле им порачал дека целата сезона ќе ја преседат на трибините доколку ги одбијат новите договори или клубот одлучи да ги продаде ова лето. Каталонските медиуми тврдат дека во случаите со Дембеле и Мориба, виновни се нивните алчни агенти кои барале поголеми провизии додека двајцата играчи сакаат да потпишат новите договори со Барселона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот