Уличното осветлување во Карпош сѐ уште се прилагодува за да свети секоја втора светилка

Општина Карпош продолжува сo штедењето, односно со акцијата за намалување на потрошувачката на уличното осветлување, која по потполното гаснење на светилките во еден часот после полноќ, сега се спроведува по методот – да свети секоја втора светилка.

Од Карпош информираат дека постепено се менува системот за осветлување и дека засега целосно се завршени активностите во урбаните заедници Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Тафталиџе 1, Влае 1, Влае 2 и Злокуќани каде што во текот на ноќта свети секоја втора светилка.

Во урбаната заедница Кузман Јосифовски Питу во најголем дел е завршено со овој зафат на штедење. Од среда ќе се работи на улиците Леринска и Ловќенска со сите нејзини краци. Речиси целосно е завршена редукцијата на осветлувањето во урбаните заедници Пецо Божиновски – Кочо и Владо Тасевски. Во оваа месна заедница треба да се направат интервенции на улиците Бахар Моис и Њуделхиска, а во Жданец на улица Нерешка – информираат од Карпош.

Во Бардовци завршено е со редуцирање на половина од уличното осветлување, а денаска започна да се работи на другата половина, а се работи и во Нерези, Тафталиџе 2 и Карпош 4 каде што сѐ уште светилките се гасат во 1 часот по полноќ. Екипите работат и на заштеда на светилките на кејот на реката Вардар, каде во најголем дел, како што тврдат од Карпош,  работата е завршена.

 Сакаме да ги информираме граѓаните дека секретарите на месните заедници се задолжени во ноќните часови да ги проверат сите интервенции на уличното осветлување и ако има неусогласеност со новиот систем на осветлување – да свети секоја втора светилка, треба да го известат Секторот за екологија и енергетска ефикасност. Ги молиме граѓаните евентуални дефекти и оштетувања да ги пријавуваат кај секретарите на месните заедници – велат од Општината.

Видео на денот