Улицата Елисие Поповски Марко додека се реконструира стана депонија, комуналците со денови не го собираат ѓубрето

Фото: Слободен печат

Жителите бараат од Општина Центар и од „Комунална хигиена“ итно да се собере ѓубрето и да се исчисти просторот. Како што велат два месеца имаат трпение за градежните работи, но за, депонии од ѓубре, нечистотија и смрдеа, немаат ниту трпение, ниту пак разбирање

Четири дена не се испразнети контејнерите на улица Елисие Поповски Марко во Капиштец, во близина на зградата со број 37. Станарите велат дека состојбата е ужасна, контејнерите се преполнети, околу нив е создадена депонија од ѓубре, целиот простор е гнасен и ужасно смрди. Според нив, состојбата е таква затоа што улицата се реконструира и претпоставуваат дека камионите што треба да го соберат отпадот на „Комунална хигиена“ не сакаат да возат по изгребан асфалт.

Ужасно е и срамно ова што се случува. Катастрофа невидена. Општината два месеца ја реконструира улицата, од неодамна ископаа и еден како канал на улицата и веројатно затоа комуналците не доаѓаат. Но ако не можат по оваа улица, нека дојдат од горната, преку улицата Боро Петрушевски, а не да не остават да се угушиме во ѓубре. Значи, под итно бараме и од Општина Центар и од „Комунална хигиена“ да се собере ѓубрето и да се исчисти просторот –  вели еден од станарите за „Слободен печат“.

Фото: Слободен печат

Засега нема објаснување од „Комунална хигиена“ зошто на овој простор не се собира деновиве отпадот и зошто тука се донесени уште два контејнера пред зградата. Дали од претпријатието мислеле дека тоа ќе ги задоволи потребите на жителите доколку контејнерите не се празнат со денови? Според состојбата на терен – не.

 

Фото: Фотографија од жител на Елисие Поповски Марко

Реконструкцијата на улицата Елисие Поповски Марко започна на крајот на август. Градежните активности предвидуваат отстранување на стариот и поставување нов асфалт, подигнување и нивелирање на постојните шахти, вградување нови бетонски рабници и поплочување на тротоарите со павер елементи. Градоначалникот Горан Герасимовски тогаш најави дека улицата целосно ќе биде реконструирана до октомври и ќе биде пуштена во употреба. Сега е веќе ноември, а крајот на реконструкцијата уште не се гледа.

На овој потег ќе работиме со забрзана динамика бидејќи станува збор за фреквентна улица. Затоа ги повикувам граѓаните да имаат трпение додека траат градежните активности. Најважно е да добиеме улица што ќе биде функционална и безбедна за сите учесници во сообраќајот, како што и доликува за центарот на градот. Во исто време ќе овозможиме подобар и побрз пристап до Клиничкиот центар „Мајка Тереза, рече пред два месеца градоначалникот.

Граѓаните досега имаа трпение во очекување конечно да добијат подновена улица по која нема да се вози по дупки, но и со надеж дека ќе биде побезбедна и за пешаците и дека и за нив ќе се овозможи нормално движење по тротоари.

Но за нехигиена, депонии од ѓубре, нечистотија и смрдеа, како што велат, немаат ниту трпение, ниту пак разбирање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот