Украинските сили напредуваат во Русија, руските на фронтот во Украина
Без оглед што се случува на руска територија, непријателот сѐ уште ја чува главнината на своите сили во оваа насока и настојува да постигне успех, изјави Дмитро Цехоцкиј од 59. Моторозирана бригада на Украина
Неочекуваниот и релативно лесен продор на украинските сили на руска територија сѐ уште не предизвикал значително прераспоредување на руските сили во регионот, ако тоа било неговата главна цел.
Регионалните власти на областите Курск и Белгород прогласија вонредни состојби и таму се упатија артилериски единици од разни бази, но веќе цела недела нема знаци дека руските сили поместуваат единици што веќе се на фронтот во Украина. Напротив, руските единици на окупираните територии продолжуваат да напредуваат и деновиве се водат жестоки битки кај Покровск.
– Некои трупи беа преместени од јужните окупирани региони, но тоа засега не е големо прераспределување. Нема значителни промени на големината на групите ниту е доволно променет бројот на кадарот за да се каже дека стивнуваат борбите – изјави претставникот на украинските сили Дмитро Лиховиј.
Серхиј Цехоцкиј од 59. Моторизирана бригада потврдува дека не е намален притисокот во Доњецк, каде што со месеци се концентрирани руските напади.
– Без оглед што се случува на руска територија, непријателот сѐ уште ја чува главнината на своите сили во оваа насока и настојува да постигне успех – изјави Цехоцкиј за националната телевизија.
Генералштабот во Киев во дневниот извештај соопшти дека имало 58 битки, најмногу досега, на фронтот кај Покровск, каде што се наоѓа голем логистичка база на украинските сили.
Руски командант, пак, потврди дека украинските сили, наспроти „големите загуби“, не запираат со продорот, откако за една недела напредуваа повеќе од 30 километри преку границата.
Генералот Апти Алаудинов од чеченските Ахматски специјални сили, изјави дека Украинците се запрени кај Мартиновка, околу 18 километри од границата, и го спореди нивниот продор со неуспешната инвазија на француските сили под команда на Наполеон во 1812 година.
– Изгоревме сѐ што мрда, сѐ што успеавме да пронајдеме – изјави Алаудинов.
Тој додаде дека Украина испраќа сѐ повеќе сили во Русија, но дека тоа ги ослабува на другите фронтови.
– Непријателот притиска, се обидува да се пробие насекаде, да се пробие, но секој ден непријателските сили се топат – изјави чеченскиот генерал.
Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека Украина го извршила продорот „со помош од своите западни господари“, со цел да се подобри позицијата на Киев спроти можните мировни преговори. Западните сојузници на Киев отфрлаат какви било врски со неочекуваната контраофанзива, но потврдуваат дека во продорот украинските сили користат оклопни возила и оружје што им е доставено од членки на НАТО. Сојузниците пред една година се колебаа дали да ѝ дадат долгострелно и офанзивно оружје на Украина, стравувајќи дека тоа може да биде употребено за напади врз територијата на Русија.
– Украина има право на самоодбрана од руските агресивни напади, што не исклучува операции во Русија – потврди британското Министерство за одбрана.
Лондон појасни дека украинските сили може да користат противтенковски ракети, артилерија, оклопни возила и друго британско оружје, но не и крстосувачките проектили „сторм шедоу“ надвор од своите граници.