Украински политичари пред тетовски студенти сведочеа за војната, со нив дојде и Ненад Чанак од Србија

Фото: УЈИЕ

Трибината „Сведоштва од Украина” денеска се одржа во Тетово во организација на Универзитетот на Југоисточна Европа, а на која учествуваа претставници од локалната власт на регионот Киев и градот Ирпин.

Пред тетовските студенти зборуваа Тетјана Шчербак, заменик-гувернер на Киевската област, Трохим Иванов, заменик – градоначалник на Вишегород, Виолета Дворникова, советник на градоначалникот на Ирпин и како иницијатор, Ненад Чанак, политичар и поранешен претседател на Социјалдемократската лига на Војводина од Србија.

„Претставниците на украинската делегација, за студентите и гостите, преку видеоснимки, фотографии и сведоштва успеаја на студентите, вработените, но и на пошироката јавност да им претстават пореална слика за тоа што всушност се случува во Украина. Тие рекоа дека е важно да се разбере и да се поддржи нивната праведна кауза со сите демократски средства, нагласувајќи ја потребата од сеопфатна помош за украинскиот народ“, информираа од канцеларијата за односи со јавноста од УЈИЕ.

Ректорот на УЈИЕ проф. д-р Абдулменаф Беџети на трибината порачал дека се поддржува праведната борба на народот на Украина и со ова се докажува дека сме на вистинската страна на историјата.

„Ако некој подобро ги разбира нашите украински пријатели, ние сме меѓу нив, за жал не сами во овој дел од Европа, бидејќи во Босна и Херцеговина – пред три децении и во Косово пред две децении, доживеавме слични работи што предизвикаа стотици илјадници жртви, да не се повторат“, рече ректорот Беџети.

На овој настан присуствуваше и конзулот на Украина во Северна Македонија, Костиантин Куценко. Претставниците на општините од Украина пред да говорат во УЈИЕ (Тетово) учествуваа на слични трибини во Нови Сад, во Сараево и во Тузла.

На оваа трибина зборуваше и Ненад Чанак, кој им се обрати на студентите со конкретно барање да го заштитат овој мир во кој уживаат, бидејќи другата страна е мрачна и тажна. Тој рече дека целиот свој живот се борел за демократија и за демократски вредности и се надева дека некако влијаел на постигнување мир и воспоставување на демократски систем во овој регион.

На јавноста и беа претставени кратки видеа од војната во Украина, придружени со автентични слики на градови и села уништени од војната.

Трибината предизвика дебата и бројни прашања од присутните студенти и вработени.

Трибината ја организираше Универзитетот на Југоисточна Европа во соработка со Балканскиот институт за регионална соработка (БИРЦ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот