Украинците се вкопуваат околу големите градови, се очекуваат руски напади за Денот на победата

украински војници украина киев
Украинска војска/ Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Украинските сили ги зацврстиле своите позиции околу Харков, вториот по големина град во земјата, додека руските сили денеска извршија уште пожестоки напади врз фабриката за челик „Азовстал“ во обид да го освојат Мариупол пред прославата на Денот на победата на Советскиот сојуз во Втората светска војна над нацистичка Германија.

Како што се приближува 9 мај, Денот на победата, градовите низ Украина се подготвуваат за очекуван раст на руски напади, а властите ги повикаа жителите да внимаваат на предупредувањата за воздушни напади.

Украинскиот прв заменик на министерот за внатрешни работи Евхен Јенин денеска изјави дека овие симболични датуми „за рускиот агресор се како црвеното марамче за бикот” и додаде дека во време кога „целиот цивилизиран свет се сеќава на жртвите на страшните војни, Русија сака паради и се подготвува да игра над коските во Мариупол”.

Најинтензивни борби во последните денови се водат во источна Украина. Западните воени аналитичари наведуваат дека украинската контраофанзива напредуваше околу североисточниот град Харков, а Русите имаат помал успех во Луганск, областа во која сепаратистите поддржани од Москва се борат уште од 2014 година.

Во тој контекст, украинските сили презедоа чекори за да го спречат целосното преземање на Мариупол, со што на Русите би им се обезбедило стратешки важно пристаниште во Азовското Море, кое е и копнеен мост кон полуостровот Крим.

Шест ракети денеска ја погодија Одеса, што аналитичарите го толкуваат како можно префрлање на фокусот на руските сили врз ова црноморско пристаниште.

Новите сателитски фотографии покажуваат огромно уништување во челичарницата. Зградите на Азовстал, меѓу кои и онаа под која веројатно се кријат стотици војници и цивили, имаа големи дупки на покривот, се гледа од вчерашните слики направени од Planet Labs PBC .

Спасувачите и денеска се обидуваат да евакуираат што повеќе цивили од Мариупол. Педесетина цивили им се предадени на претставници на Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, потврдија и руски и украински претставници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот