„Украинагејт“: Трамп и Бајден со обвинувања и закани во борбата за пол позиција во претседателската трка

Фото: EPA/Mike Theiler

Кога Виктор Шокин во март 2016 година е променет од местото на генерален обвинител на Украина, тоа се сметаше за клучно за сузбивање на корупцијата во таа земја, објавува „Б92“.

Три години подоцна оваа промена е во средината на политичката криза во Вашингтон, настан кој ја разниша фотелјата на претседателот Доналд Трамп и има големо влијание врз претседателските избори закажани за 2020 година, пишува „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).

Трамп води спор против поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, главниот противкандидат на Демократската партија за претседател на изборите следната година, на кои Трамп очекува да биде повторно избран за шеф на државата.

Трамп и неговите советници го обвинуваат Бајден дека ја искористил својата функција на потпретседател и главно официјално лице за односи со Киев во 2016 година, за на украинската енергетската компанија „Бурисмa“ која му плаќаше на синот на Џо Бајден како член на управниот одобор, да и помогне да избегне кривична истрага.

Тие тврдат дека Шокин ја надгледувал кривичната истрага против „Бурисмa“ и дека Џон Бајден му рекол на тогашниот украински претседател Петро Порошенко дека САД ќе ја повлече кредитната гаранција од милијарда долари доколку Шокин не е отпуштен.

Меѓутоа, украинските обвинители и антикорупциски активисти запознаени со ова прашање, тврдат дека временскиот тек на настаните во случајот со „Бурисмa“ и Шокин како главен обвинител едноставно не се вклопуваат во тврдењата на Трамп и неговите сојузници.

Покрај тоа, тие велат дека самиот Шокин бил најголема препрека за истрагата на работите на „Бурисма“.

Дариа Калењук, извршната директорка на Центарот за борба против корупција (АнтАЦ) во Киев, изјави за „РСЕ“ дека токму Шокин ги „отфрлил важните кривични истраги за корупција во врска со (поранешниот преседател Виктор Јанукович)“, вклучувајќи го и случајот со „Бурисма“.

Трамп и неговите соработници сепак повторно ги повторија своите тврдења во последите денови, и покрај пишувањата дека американскиот претседател вршел притисок на новиот украински лидер Владимир Зеленски, да започне истрага против Бајден. Тоа наводно го побарал во телефонски разговор на 25. јули, а се дозна во јавноста по пријавата на еден американски службеник за разузнавање.

Тој телефонски разговор дошол во момент кога Киев чека одобрување за 400 милиони долари помош од Пентагон и воена помош за Стејт департментот на Украина кој се бори против руските сепаратисти.

„Вашингтон пост“ на 23. септември извести дека најмалку една недела пред тој разговор со Зеленски, Трамп на шефот на неговиот кабинет му рекол да го задржи тој пакет со помош, наводно поради „загриженост“ за тоа како ќе бидат искористени парите.

Но, „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп со Зеленски не разговарал за одлагање на таа помош. „Раша тудеј“, пак, целата афера ја нарекува „Украинагејт“.

Сепак, тврдењата дека Трамп и сојузниците вршеле притисок на Зеленски да го истражува Бајден, доведоа до барања на Демократите за истрага, а таа потоа може да резултира со смена на американскиот претседател. Трамп овие денови тврди дека немало притисок и дека за тоа сведочат и изјавите на украинските официјални лица.

Бајден во 2016 година барал смена на Шокин и во 2018 година се фалел дека за време на посетата на Киев на крајот од 2015 година на украинските службени лица им рекол: „Доколку обвинителот не е сменет, нема да добиете пари“.

Шокин навистина е отпуштен, но во март следната година.

Меѓутоа, според пишувањата на „РСЕ“, по активностите во Украина и на другите инволвирани, постојат два големи проблеми со тврдењата на Трамп и на неговите сојузници.

Првенствено, украинските обвинители и поборници за борбата против корупцијата кои ја поттикнаа истрагата за работењето на „Бурисма“ и нејзиниот сопственик Микола Злочевски, рекоа дека истрагата била оставена во „фиока“ многу пред барањето на Бајден за промена на Шокин.

– Немаше притисок од никој во САД да се затвори случајот против Злочевски и „Бурисма“. Украинските обвинители тој предмет го одложија уште во 2014 година – изјави Виталиј Каско, тогашниот заменик на генералниот обвинител Шокин.

Активистите велат дека случајот со „Бурисма“, и со Хантер Бајден, го саботирал самиот Шокин. Како пример, тие велат дека два месеци пред влегувањето на Хантер во одборот на компанијата, британските власти барале информации од канцеларијата на Шокин во рамките на истрагата против Злочевски за перење пари. Шокин ги игнорирал.

Калењук и АнтАЦ објавија детална временска низа на настаните околу случајот со „Бурсма“, кој докажува дека три последователни главни обвинители на Украина – прво претходникот на Шокин, потоа Шокин и неговиот наследник, работеле на тоа да ја поткопаат таа истрага.

– Токму Бајден барал од Шокин да си замине бидејќи не ја спровел истрагата за „Бурисма“ (и потенцијално за синот на Бајден), а не бидејќи Шокин бил цврст и активен во тој случај – рече Калењук.

Украинските обвинители не навеле ниту еден доказ кој би укажувал на тоа дека Бајден со барањето за промена на Шокин се обидел да му помогне на неговиот син.

Воедно и долг список на западни организации, влади и дипломати, како и бројни украински антикорупциски гурпи барале отказ за Шокин. Меѓу нив се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската Унија (ЕУ), владата на САД, странските инвеститори и украинските политичари, завршуваат од „РСЕ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот