Украина ја тужи УЕФА во Судот за спортска арбитража
Причина за тужбата е натпреварот со Швајцарија.
Натпреварот помеѓу Швајцарија и Украина во рамките на последното коло од Лигата на нации требаше да се игра на 17. ноември, но воопшто не се одигра поради коронавирусот.
Репрезентација на Украина не можеше да излезе на теренот поради големиот број на играчи кои беа позитивни на коронавирусот, па УЕФА го регистрира со службени 3:0 во корист на Швајцарија.
Поради службениот пораз, Украина испадна од А дивизијата од Лигата на нации и со тоа не можат да се помират.
Фудбалската федерација на Украина ја тужеше УЕФА во Судот за спортска арбитража во Лозана и бара одлуката за службен триумф на Швајцарија да се поништи. Исто така Украинците бараат да се одреди нов термин за одигрување на натпреварот или во краен случај победникот да се одреди со – жрепка.
Двете репрезентации второто издание на Лигата на нации го завршија со идентичен број на бодови, по шест, но поради службената победа од 3:0, Швајцарија има подобар меѓусебен скор и затоа остана во А дивизијата, додека Украина испадна во Б дивизијата од Лигата на нации.