Украинa: Докажавме дека можеме да ја победиме Русија, НАТО побрзо да ни достави оружје

Фото STR / AFP / Profimedia

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба денеска во Букурешт апелираше до членките на НАТО побрзо да достават оружје и друга помош за неговата земја.

За време на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Кулеба рече дека претходниот пат, кога апелирал до Алијансата, рекол „оружје, оружје, оружје”, а дека денеска во Букурешт дошол со порака „побрзо, побрзо, побрзо”.

„Ние сме благодарни за сè што е направено досега, но мора да продолжиме да се бориме. Докажавме дека можеме да ја победиме Русија, но одлуките за оружјето, за новите линии на производство на оружје и за неговата испорака мора да се носат побрзо, рече Кулеба на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО.

Кулеба, исто така, укажа на значењето на другите форми на западна помош, првенствено агрегати, бидејќи Украина има големи проблеми со снабдувањето со електрична енергија по руските напади врз цивилната инфраструктура.

Столтенберг рече дека сојузниците се согласиле дека е неопходно да се зголеми поддршката за Украина и повтори дека ќе бидат со таа земја се додека тоа е потребно.

Инаку шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО денеска во Букурешт ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина и ќе помогнат во поправката на нејзината енергетска инфраструктура, која е погодена од руските напади со кои е прекинато снабдувањето со струја и греење за милиони Украинци, јавија британските медиуми.

„Руската агресија, вклучувајќи ги нејзините актуелни и бескрупулозни напади врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, лишува милиони Украинци од основните човечки услуги”, се наведува во заедничката изјава на министрите по првиот ден од нивната средба во Букурешт.

„Ќе продолжиме и дополнително ќе ја зголемуваме политичката и практичната поддршка за Украина додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијален интегритет…и ќе ја одржиме нашата поддршка доколку е потребно”, додаваат министрите во својот заеднички став по првиот ден од средбата.

Министрите соопштуваат дека остануваат цврсти во нивната посветеност на независноста на Украина и никогаш нема да ги признаат нелегалните анексии од Русија.

Тие, исто така, ја потврдија одлуката донесена на самитот на НАТО во 2008 година дека Украина на крајот ќе стане членка на Алијансата.

Генералниот секретар, Јенс Столтенберг, изјави дека земјите од Алијансата се договориле за поблиска соработка со Украина.

„Сојузниците на НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат Украина се додека е потребно. Ние нема да отстапиме“, рече тој.

Според него, не треба да се дозволи пораз на Украина и победа на Русија, бидејќи тоа ќе испрати сигнал до „авторитарните режими дека може да употребат сила”. Според него, „поддршката за Украина е во интерес на безбедноста на НАТО”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот