Володимир Зеленски / Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Украина би можела да се согласи на размена на територии, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека доколку се одржат преговори со Русија за прекин на војната, би прифатил размена на територии што се под контрола на украинските сили во руската Курска област, во замена за враќање на украински територии кои моментално се окупирани од Русија, објавија светските медиуми.

– Ќе размениме една територија за друга, изјави Зеленски во интервју за британскиот весник Гардијан.

Тој не прецизираше кои украински територии би биле предмет на таква размена. – Не знам, ќе видиме. Но, сите наши територии се важни, нема приоритет, додаде Зеленски.

Русија моментално окупира околу 20 отсто од територијата на Украина, особено во источните и јужните региони. Широката инвазија започна на 24 февруари 2022 година и трае речиси три години. Во август минатата година, Украина изведе неочекувана офанзива во западниот дел на руската Курска област, а и покрај руските контраофанзиви, сè уште контролира дел од освоената територија.

Според претставници на Киев, операцијата во Курск била со цел да ги заштити пограничните региони, а заземените територии би можеле да се користат како предност во евентуални мировни преговори.

Зеленски постојано нагласува дека секој мировен план мора да вклучува силни безбедносни гаранции од сојузниците, за да се спречи повторна руска агресија.

Во петокот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека оваа недела веројатно ќе се сретне со Зеленски за да разговараат за прекин на војната. Во неделата, пак, рече дека остварил контакт со рускиот претседател Владимир Путин, но не прецизираше кога. Кремљ не ја потврди, ниту ја демантираше оваа информација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот