УХМР: Ноќеска повремени врнежи, од утре пороен дожд и силен ветер

Пороен дожд/ фото МИА

УХМР за утре најавува пороен дожд што некаде ќе достигне и 20 литри на метар квадратен и силен ветер од преку 70 километри на час. Во наредните денови се очекува и заладување поради продор на студена воздушна маса.

Облачноста ќе почне да се зголемува уште денеска, во вечерните часови, почнувајќи од запад, а во текот на ноќта во северозападните делови ќе има врнежи од дожд. Ќе дува умерен и повремено засилен ветер од јужен правец. Во Скопската котлина во текот на ноќта се очекуваат повремени врнежи дожд и слаб до умерен јужен ветер.

Утре врнежите на места ќе бидат поројни и пообилни, проследени со силен ветер. На планините на северозапад ќе врне снег. Попладне врнежите ќе преминуваат во снег и на некои повисоки места. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а во попладневните часови ветерот ќе го промени правецот во северен и дополнително ќе засилува. Во текот на ноќта особено долж Повардарието ќе дува силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8 степени, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.

Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од дожд и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 12 степени.

Поради продор на многу студена воздушна маса од север, утре попладне ќе почне да дува засилен северен ветер, кој ќе се задржи и во наредните денови и ќе услови значително заладување. Во петок времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, ветровито и студено. За викендот ќе биде многу студено со врнежи од снег. На планините ќе се зголеми снежната покривка. Утринските температури на места ќе се спуштат и до минус 12 степени, а и дневните на повеќе места ќе се задржат под нулата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот