Угостители: Доста ни е од кредити, ни треба помош за тековно работење
По објавувањето на условите за новата кредитна линија „Ковид 4“ преку Равојната банка, наменета за угостителите и другите загрозени дејности, потпретседател на Туристичко-угостителската комора, Мартин Ангеловски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека овие кредити на некој начин се поврзани со платите на вработените и пак нема да обезбедат пари за ликвидност, а од друга страна, нови задолжувања и не им се потребни, туку им треба вистинска државна помош.
– Од она што до сега го имаме како информација за кредитната линија „Ковид 4“, а имајќи предвид дека повикот сѐ уште не е објавен, основна забелешка е тоа што на некој начин ова е мерка за исплата на плати, поради што и не може да се комбинира со мерката за финансиската поддршка за плата, што на крај повторно не обезбедува финансиски средства за одржување на ликвидноста на претпријатијата, што беше едно од нашите барање. Исто така, како отежната околност се проценува и тоа што ќе треба да се обезбеди и гаранција за кредитот, што не е едноставно со оглед на тоа дека претпријатијата се во загуба. Остануваме на тоа дека веќе имаме доволно кредити кои не знаеме како ќе ги вратиме земајќи предвид дека сѐ уште е неизвесна стабилизацијата на состојбите и враќање на деловната активност, вели Ангеловски.
Кредитите од „Ковид 4“ се наменети за фирмите од областа на туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, а кои имат до 250 вработени. Но, притоа тие треба да докажат пад на приходите од најмалку 30 проценнти, како и во своите биланси да имат најмалку 33 проценти од износот на бараниот кредит. Висината на кредитот може да биде од 3.000 до 30.000 евра, а тоа зависи од бројот на вработените, затоа што кредитот се дава како поддршка за нивните плати. Втор услов од кои зависи кредитот е намалениот приход. Компаниите може да добијат грант, односно да не вратат дел од кредитот, доколку вработат нови работници и ги зголемат приходите годинава. Според, изјавата на министерот за финсии Фатмир Бесими, тој износ може да биде од 600 евра до 15 000 евра.