УЕФА рече НЕ за поддршка на ЛГБТИ заедницата, стадионот во Минхен нема да биде во боите на виножитото
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто гневно реагираше на овој предлог. „Штетно и опасно е мешањето на спортот и политиката. Историското искуство покажува дека тоа е лоша работа и Германците би требало добро да го знаат тоа“, изјавил тој.
УЕФА и забрани на Германија да го „обои“ стадионот во Минхен во боите на виножитото како знак на поддршка на ЛГБТИ заедницата за време на ЕП.
Тоа требаше да се случи за време на утрешниот натпревар помеѓу Германија и Унгарија. Градските власти во Минхен претходно одлучија да го обојат стадионот во Минхен во боите на виножитото како знак за поддршка на ЛГБТИ заедницата но и како еден вид на протест против неодамна донесениот закон во Унгарија со кој се ограничува промоцијата на истополовите односи во книги и филмови достапни до децата.
УЕФА овој гест на гратските власти во Минхен го оцени како „политички гест“ и поради тоа одлучи да не дозволи реализација на идејата.
Предлогот на градоначалникот на Минхен, Дитер Рејтер пристигна пред натпреварот помеѓу Германија и Унгарија, држава во која правата на хомосексуалците се загрозени, но УЕФА на крајот пресече и како што велат оттаму, „не дозволи политиката да се вмеша во фудбалот“.
– УЕФА е таа која дава инструкциите за конкретниот изглед на стадионот. Имаше добри причини стадионот да се обои во боите на виножитото, но конечната одлука е такво нешто да не се направи – изјави портпаролот на фудбалската федерација на Германија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто гневно реагираше на овој предлог. „Штетно и опасно е мешањето на спортот и политиката. Историското искуство покажува дека тоа е лоша работа и Германците би требало добро да го знаат тоа“, изјавил тој.
Унгарскиот парламент пред една недела, на 15 јуни, донесе закон со кој се забрануваат хомосексуални содржини во книги и филмови достапни до децата. Исто така и во рекламите не смеат да се прикажуваат хомосексуалции и транссексуалци како дел од секојдневието. Ваквите промени предизвикаа протести во Будимпешта, на кои присуствуваа илјадници луѓе.