УЕФА не ја менува одлуката, ЕП ќе се игра во 12 градови низ Европа

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MEO

Европската фудбалска федерација (УЕФА) поради пандемијата на коронавирусот одлучи да го одложи ЕП за 365 дена, но планот останува ист, континенталниот собир ќе се игра во 12 градови низ цела Европа.
Европското првенство треба да започне на 11 јуни и ќе се игра до 11 јули оваа година, а на него за прв пат ќе учествува и македонската фудбалска репрезентација.

Поради пандемијата на коронавирусот која му се заканува на ЕП, англискиот премиер Борис Џонсон и понуди на УЕФА, ЕП да се игра во Велика Британија, ист предлод дојде и од Русија, но во УЕФА остануваат на првичната идеја првенството да се игра во 12 градови.
„Од денот кога беше објавено дека ЕП ќе се игра во 12 држави, намерата на УЕФА е да се игра во 12 држави“, одговори УЕФА на прашањето на Скај Спорт дали размислува за промена на организацијата.

По одговорот на УЕФА, се огласи и Фудбалската федерација на Англија кој соопшти дека е фокусирана на организација на завршницата на ЕП. Според планот на УЕФА, двете полуфинални средби и големото финале треба да се играат во Лондон.
– УЕФА е верна на својата одлука ЕП 2020 да се игра во 12 европски градови и тоа според планот од минатата година. Никави други планови и решенија не се разгледувани. Фокусот на ФА е на организација на седум натпревари кои ќе се играат на „Вембли“ – соопшти ФА.
Според оригиналниот план на УЕФА, Европското првенство ќе се игра во 12 градови и тоа Амстердам, Баку, Билбао, Букурешт, Будимпешта, Копенхаге, Даблин, Глазгов, Лондон, Минхен, Рим и Санкт Петербург.
Фудбалската репрезентација на Македонија првите два натпревари против Австрија и Украина треба да ги игра во Букурешт, додека дуелот со Холандија ќе се игра во Амстердам.

Видео на денот