УЕФА и Англија си играат пинг-понг, си ја префрлаат вината за хаосот во Париз

Навивачи на Ливерпул со билети не успеаја да влезат на стадионот „Франција“ и да го следат финалето во ЛШ / Фото: David Klein / Zuma Press / Profimedia

УЕФА и француските власти ги обвинија навивачите на Ливерпул за доцнењето на стартот на финалето што се играше во Париз, додека владата на Обединетото Кралство и Ливерпул вината ја гледаат кај организаторот и бараат да се спроведе заедничка истрага.

Европската фудбалска федерација (УЕФА), Француската фудбалска федерација (ФФФ), париските локални власти и полицијата денеска одржаа кризен состанок на кој разговараа за срамот што го предизвикаа организаторите на финалето на Лигата на шампионите и навивачи на Ливерпул кои без билети успеале да влезат на стадионот „Франција“.

Почетокот на големото финале во Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Ливерпул доцнеше 35 минути поради гужвите што се создадоа пред стадионот како и поради тоа што навивачи на Ливерпул ја прескокнале триметарската ограда и без билети успеале да влезат на трибините.

Новата министерка за спорт Амели Оуде-Кастера изјави дека со кризниот состанок сака да се обезбеди да не се повтори хаосот кој фрли црна дамка на саботното финале бидејќи Париз за две години ќе биде организатор на Летните олимписки и параолимписки игри.

– Приоритет ни е да откриеме зошто работите тргнаа на лошо. Од сево ова што се случуваше сакаме да извлечеме поука бидејќи не сакаме да ни се повтори нешто слично во иднина –изјави министерката Оуде-Кастера.

Таа вината за одложувањето на стартот на натпреварот ја префрли на навивачите на Ливерпул кои сакале на стадионот „Франција“ да влезат со лажни билети.

– Тоа што се случи пред натпреварот е големиот број на англиски навивачи кои немаа билети или се обидоа да влезат на стадионот со фалсификувани билети – додаде министерката.

И УЕФА ги обвини навивачите на Ливерпул за целиот хаос.

– Пред натпреварот портите пред кои беа навивачите на Ливерпул беа блокирани од страна на илјадници навивачи кои купиле лажни билети. Тоа направи големи метежи меѓу навивачите кои се обидоа да влезат на стадионот. Разочарани сме поради проблемите, ова е најголемиот натпревар во европскиот фудбал и навивачи не треба да се соочуваат со вакви работи – соопшти УЕФА.

Но, владата на Обединетото Кралство и Ливерпул ја префрлаат топката на спротивната страна и сметаат дека токму организаторот и УЕФА ја сносат вината за доцнењето на натпреварот и побараа да се спроведе детална истрага.

– Ја повикуваме УЕФА да започне детална истрага и да открие зошто работите тргнаа на лошо. Очекуваме во истрагата да бидат вклучени организаторот, француската полиција, ФФФ, англиската полиција и претставници на Ливерпул – изјави министерката за култура, Надин Дорис.

Влезници добиени од клубот, прогласени за лажни

Дефанзивецот на Ливерпул, Енди Робертсон , за англиските медиуми откри дека влезниците кои ги добил од клубот, биле прогласени за лажни. Наводно, читачите на кодови не функционирале.

– Јас добив влезниви од клубот, а еден од моите пријатели ми рече дека на портите им кажале дека тие биле лажни билети. Сигурен сум дека не беа лажни бидејќи ги добив од клубот и ги поделив на пријатели – изјави Робертсон.

Видео на денот