Удираше на маса и нудеше и стап и морков – кое е наследството на Меркел на Западен Балкан

Меркел пристигна во Белград/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Германската канцеларка Ангела Меркел по 16 години на оваа финкција се повлекува, а Германија денеска избира нов лидер.

Заминувањето на Меркел ќе има долгорочни последици далеку од границите на Германија. На многумина ќе им недостасува, но има и такви земји кои едвај чекаат да замине. Во земјите од Западен Балкан кои ги посети минатата недела на проштална турнеја, чувствата за нејзиното наследство се помешани, анализира Дојче Веле.

Германија под палката на Меркел беше клучна во обликувањето на политиката на Европската унија кон шесте земји од регионот и таа важеше за најгласен заговорник на проширувањето на ЕУ. Затворајќи ја својата турнеја во Албанија во средата, Меркел го повтори своето долгогодишно уверување дека „воведувањето на шесте земји во ЕУ“ е „германски стратешки интерес“, но и предупреди дека пред нив е „долг пат“. Како што често се случува во Германија, таму кадешто ќе запне политиката влетува економијата, па така германските компании само минатата година влозија три милиони евра во Србија.

Еднаш удри на маса

Само еднаш Меркел „удри на маса“ односно испрати јасна порака. Беше тоа на 23 август 2011 година во Белград, на изненадување на тогашниот претседател на Србија Борис Тадиќ.

Канцеларката тогаш студено го повтори она што на Тадиќ му го зборуваше зад затворени врати: Србија мора да престане да им дава поддршка на своите сонародници на северот на Косово. Освен тоа, Белград мора да даде зелено светло за членството на Косово во меѓународните организации. Ако не го направи тоа, да не си помислува на влегување на Србија во Европската Унија.

Тадиќ, целата негова влада и огромното мнозинство Срби се чувствуваа навредени и повредени и се согласија дека Србија никогаш нема да се откаже од Косово во корист на членството во ЕУ.

И навистина: официјален Белград грубо ги отфрли барањата на Ангела Меркел по тоа прашање и не беше подготвен за најмала корекција на политиката кон Косово.

Тоа, сепак, не ја спречи Социјалдемократската партија на Германија да му додели признание на Тадиќ (Црвени Бок) само една година подоцна за неговите наводни заслуги во врска со „европската интеграција на неговата земја“.

Соработка наместо конфронтација

По искуството во Белград, Меркел ја промени својата политичка тактика. Наместо конфронтација, таа играше на соработка, и не само со водечките политичари во Србија, пишува „Дојче веле“.

Таа ги прими водечките актери во Босна и Херцеговина, земја која честопати се нарекува „неуспешна“ држава, поединечно во Берлин – со цел да ги убеди да попуштат пред голем број контроверзни теми. Но, ниту тие гестови не донесоа политички резултати.

На почетокот на 2015 година, Меркел го испрати тогашниот министер за надворешни работи, сегашен претседател на Германија – Франк Валтер Штајнмаер, во Сараево. Заедно со неговиот британски колега Филип Хамонд, тој се обиде да ги убеди таму раскараните водачи писмено да се обврзат дека уставната реформа ќе ја направи земјата функционална. За возврат, БиХ ќе добие дарежлива финансиска помош. Но, немаше ништо ниту од таа иницијатива.

Берлинскиот процес

Една година претходно, Меркел иницираше серија конференции на шефови на држави и влади во регионот, кои влегоа во историјата на дипломатијата под името „Берлински процес“.

Овој формат на дискусија даде некои резултати: беше формирана регионална младинска мрежа по германско-француски модел, а роамингот меѓу скараните балкански држави беше укинат. Спротивно на тоа, мал напредок е постигнат со создавање заеднички пазар и имплементација на инфраструктурни проекти.

Во исто време, ЕУ и Германија веќе долго време имаат некои средства за притисок во своите раце со цел да ги принудат непослушните политички лидери на компромис.

Овој регион остварува две третини од својата трговија со земјите од Западна Европа, пред се со Германија и Австрија. Огромното мнозинство директни странски инвестиции доаѓаат и од Западна Европа, каде стотици илјади луѓе од регионот трајно мигрираа – и повторно претежно во Германија, Австрија или Швајцарија.

Навистина, според некои проценки, дознаките на емигрантите учествуваат со повеќе од десет проценти од БДП на тие земји. Тие пари одат скоро целосно за потрошувачката и со тоа придонесуваат економската и социјалната состојба да не се влоши целосно.

Ќотек  и моркови

Меркел до неодамна беше верна на својата тактика „ќотек и моркови“ по прашањето за Западен Балкан. Евентуалното членство во ЕУ требаше да биде толку привлечно што политичките лидери во регионот, пак, ќе бидат подготвени да направат отстапки – да решат голем број конфликти. Текот на блиските лични врски на канцеларката требаше да донесе резултати на крајот.

И така, ЕУ, под влијание на Ангела Меркел, великодушно ја игнорираше расцутената корупција, газењето на независното судство и притисокот врз медиумите – да не ги вознемирува политичките партнери.

Разочара и Хрватска

Но, и најмладата членка на ЕУ, Хрватска за чие влегување во ЕУ посебно интензивно се залагаше Ангела Меркел веќе во повеќе наврати ја разочара канцеларката.

Меркел во 2013 година демонстративно ја бојкотираше прославата за влез во ЕУ зошто Загреб оди да ги испорача поранешните југословенски разузнавачи, обвинети во Германија за убиство. Во текот на изборната кампања за Европските избори во мај 2019 година, Меркел во Загреб – очигледно не знаејќи за кој и за што се работи – беше доведена во ситуација да аплаудира на музиката на спорниот националистички пејач Томпсон и да слуша националистички говори.

Ангела Меркел не успеа да го оствари она што го сакаше по прашањето на европските интеграции. Она што останува зад неа е огромната финансиска помош за Западен Балкан која таа ја „протурка“. Брисел токму оваа седмица одобри 14,2 милијарди евра помош до 2027 година – за можните идни членки од овој регион. Со оглед на корумпираните структури, допрва ќе се види дали срествата навистина ќе бидат потрошени онака како што е договорено.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот