Уценувачите барале илјадници евра од гостите на „швалерското гнездо“

Фото: Архива

Не сме поврзани со снимањето, а полицијата ни кажа да не разговараме со никого за случајот, изјавија од менаџментот на мотелот ,,Вила Уно” за „Слободен печат“. Според нив, случајот во полиција го пријавиле оштетените гости, откако снимки од мотелските соби се појавија на социјална мрежа.

Не знаеме кој стои зад незаконското снимање во нашите соби и не ни е јасно кој снимал, а од полицијата добивме упатства да не зборуваме со никого, изјавија од менаџментот на мотелот „Вила Уно“ за „Слободен печат“. Тие велат дека соработуваат со полицијата, со цел да ги заштитат своите гости.

Уценувани спортисти и полицајци чии интимни средби во мотел биле тајно снимани

Како што дознаваме од свои доброупатени извори, на дел од гостите некој преку пораки на мобилните телефони им барал да уплаќаат илјадници евра во криптовалути во замена за тоа целосните снимки да не бидат објавени. Причината поради која неидентификуваниот уценувач сакал крипто-пари, а не средба на која ќе му бидат предадени пари во кеш, било тоа што не сакал да биде идентификуван.

Досега надлежните не ги откриле лицата што неовластено снимале љубовни сцени од креветите во мотелските соби. Не се знае уште колку материјали на незаконски начин обезбедиле непознатите сторители.

На посетителите во овој мотел им била гарантирана дискреција, односно во собите влегувале без да остават документ за идентификација. Влегивале со возило во мотелот, се паркирале во гаража о оттаму оделе директно во соба, меѓутоа внатре некој поставил мобилни телефони кои ги снимале интимните средби од креветот. Дел од видеоматеријалите потоа беа објавени на лажен Фејсбук профил.

Уште нема наредба за затворање на лажниот фејсбук-профил

Компромитирачки снимки на дел од гостите беа објавени на лажен интернет-профил под името Арбен Гаши, со цел да се исплашат уценуваните со најавите дека ќе бидат објавени и други снимки од гости на мотелот.

Два месеца по отворањето на овој профил, полицијата не дала наредба да  биде избришан. По распитот на три лица од страна на Обвинителството,  овој лажен профил престана да објавува нови снимки, но гостите и натаму се во неизвесност дали ќе биде нарушена нивната приватност со цел уцената да успее.

Засега не се знае кога почнало и колку траело снимањето во „швалерското гнездо”, но утврдено е дека снимките се направени со евтини и постари модели на мобилни телефони.

Скандалот го објави „Код”, со тврдење дека некои од снимените лица биле уценувани да уплатат рекет во криптовалути за да не бидат објавени видеоматеријалите. Угостителскиот објект „Вила Уно” наводно гарантирал приватност, зашто на корисниците на услугите не им се барал документ за идентификација при доаѓањето, ниту, пак, имало вработени присутни во мотелот.

Мотелот се наоѓа на Качанички Пат и уште се рекламира на Инстаграм. Според информациите на „Код”, кон крајот на мај отпочнала истрага, бидејќи на споменатиот Фејсбук профил на видеата биле двајца полицајци. Последната објава е од 8 јуни.

Институциите засега молчат

Пред околу три недели, полицијата и Обвинителството испитувале три лица, од кои едното било вработено во мотелот. Со налог за претрес биле пребарани два стана, биле одземени компјутери и телефони на осомничените, но ништо не било откриено. На распитот сите тројца негирале инволвираност, а на нивните компјутери и мобилни телефони што биле одземени, не биле најдени докази за поднесување обвинение. Од Обвинителството за „Слободен печат” информираа дека не добиле ниту пријава од оштетени во врска со незаконското снимање и нарушување на приватноста поврзано со овој случај.

Од единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје ни рекоа дека преземаат мерки во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност. До ОЈО Скопје биле доставени поднесоци во согласност со Законот за кривична постапка. МВР не одговори зошто единицата за компјутерски криминал два месеци не затвора профил на Фејсбук со лажно име Арбен Гаши, на кој се објавени нелегалните снимки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот