Училиштата во Карпош започнаа да се реконструираат десет дена пред први септември

Богоев во владо тасевски

Денеска, на десет дена пред почетокот на новата учебна година, општина Карпош започна со реконструкција на покривот на училиштето „Владо Тасевски“, во Козле. Покрај покривот, градоначалникот на општината Стефан Богоев најави целосна промена и на подот во спортската сала.

Зошто токму денеска, непосредно пред стартот на учебната година започнуваат активности за реновирање на училиштето, и дали истите ќе завршат до први септември го прашавме Богоев, кој кратко ни одговори дека и да не завршат градежните активности, нема да им пречат на учениците при следење на редовната настава.

„Стартот на градежните работи за реконструкција на училиштата задоцни поради обезбедување техничка документација. Некаде веќе се работи, а таму каде што почнуваме денеска, ќе се работи и во текот на септември, но работните активности нема да пречат во одвивањето на редовната настава на учениците“, одговори Богоев.

Сепак изненадува и зачудува фактот што во програма за реновирање на училиштата која денеска ја презентираше Богоев се наоѓаат веќе изреновирани училишта, меѓу кои и училиштето Братство кое во 2012 година беше изградено од темел. Во тогашната акција за обнова на училиштата, ОУ „Аврам Писевски“ доби нов покрив, прозори и фасада, темелно реконструирани беа и училиштата „Христијан Тодоровски- Карпош“, „Војдан Чернодрински“ и „Вера Циривири- Трена“, истите училишта за кои сега Богоев најавува реконструкција.

Имено, денеска на прес конференција тој најави санација на кровот и промена на прозори на училиштата „Братство“ и „Вера Циривири- Трена“, а прозори ќе се променат и во „Вера Циривири- Трена“. Во „Војдан Чернодрински“ и „Аврам Писевски“ ќе се реконструираат тоалетите, а во „Димо Хаџи Димов“ ќе се реконструираат тоалетите.

Прашан зошто има потреба да се реконструираат веќе реновирани училишта, Богоев одговори дека ќе се санираат направените пропусти, или ќе се работи таму каде што се појавила потреба од разубавување на просторот.

Нашата цел е да обезбедиме подобри инфраструктурни услови во училиштата, вреднување на трудот на најдобрите ученици, но и да создадеме повеќе можности за развивање на вонучилишни активности. Целта е да имаме посреќни деца и здрави генерации на ученици, рече Богоев.

Дел од реконструкциите веќе се во тек. Истите ќе продолжат и на почетокот на учебната година, за време на викендите или по завршување на наставата, со што нема да  има никаков прекин на  наставата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот