Учениците ширум Атина протестираа против климатските промени

Некои ослободени од настава од професорите, други по цена да добијат неоправдани изостаноци, но со одобрение и поддршка од родителите, и едните и другите со плакати во рацете и порака дека треба сите да придонесеме за спас на планетата. Ученици од различни училишта се собраа на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, на протест против климатските промени.

„Планетата станува пожешка од мене“, „Спасете ја планетата“, „Климата се менува“, „Зошто и ние не се менуваме”, беа дел од пораките што ги упатија учениците.

Дописничката на МИА од Атина, поразговара со дел од учениците кои беа на протестот и велат дека иако училиштето е важно, сепак и денешниот собир си има своја тежина.

– Јас бев организатор од моето училиште и беше тешко да се организираме, бидејќи некои од професорите беа против, но ние не отидовме на училиште, дојдовме тука, бидејќи нѐ интересира планетата, тоа е едно прашање што сите нѐ засега и треба сите да го промениме начинот на живот. Веднаш треба да се стори нешто, вели 16 годишната Маријана, која додава дека наместо да им забрануваат, професорите би требало да протестираат заедно со учениците.

– Ова денес што се случува е многу важно, се однесува на нашиот живот, на нашата генерација, на нашите деца. Мора сега да се преземе нешто – вели 15 годишната Марија која денеска, со дозвола од родителите воопшто не отишла на училиште за да може да присуствува на протестот.

– Денес, на пример имаш кислород, но како што тргнала работата, за 10 години нема да имаш. Затоа е важно сите да станеме свесни за последиците – вели 15 годишната Арети за МИА.

Протестот беше во рамките на активностите во целиот свет на движењето Fridays For Future.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот