Учениците се подготвуваат за меѓународните тестирање на ПИСА и ПИРЛС
Потребно е да ги погледнеме сите бројки од домашните тестирања за понатаму да го подобриме нашето образование. Поради тоа направивме анализа, преку која дојдовме до заклучоци, кои ќе им ги презентираме на јавноста, соопшти министерката Мила Царовска, на денешната пресконференција, на која се зборуваше за подготовките за претстојните меѓународни тестирања.
Министерката нагласи и дека меѓународните тестирања се многу важни, како и дека токму тие го покажуваат степенот на знаење на самите ученици.
– Токму затоа е важно да кажеме дека нашите ученици, досега најголем процент од нив, го репородуцираат своето знаење. Тие треба да го искористат наученото во непознати ситуации во училиштето и надвор од него. Сето ова бара тимска работа, а во моментот се случуваат подготовки за меѓународните тестирања на ПИСА. Ваквите тестирања се многу значајни и покажуваат до каде се нашите ученици со нивното знаење – нагласи Царовска
Заменик министерката за образование, Елизабета Наумовска, истакна дека направените анализи за знаењето на учениците, се многу значајни при следењето на светските трендови по ова прашање.
– Државниот испитен центар е институција за мерење на квалитетот на образовниот систем, односно за екстерна евалуација за знаењето на учениците. Важно е да знаеме кои се светските трендови и во која мера образованието ги подготвува младите луѓе во иднина, а ваквите истражувања се инструмент за мерење на некои од индикаторите во Меѓународните студии и кои се релевантни за квалитетот на образованието, но тука влегуваат и националните тестирања, самоевалоуацијата и слично. Добиените сознанија од овие резултати, креаторите на политиките во нашата земја можат да ги користат како патоказ за планирање стратегии и преземање стратегии за понатамошни чекори – истакна Наумовска.
Бети Ламева од Државниот испитен центар (ДИЦ) истакна дека нашата држава во периодот април-мај следната година ќе учествува на пилот-тестирањето на ПИСА, како и на тестирањето ПИРЛС, од кое ќе се добие и ранг листа, а кое ќе ги опфати учениците од четврто одделение.
-Учествуваме во третото ПИРЛС тестирање, кое опфаќа читање со разбирање на ученици од четврто одделение. Работиме интензивно да покажеме тренд на подобрување на претходните резултати. Во 2000 години се вклучивме во ПИСА тестирањето, па во 2015 продолживме, па потоа и во 2018, чии резултати ги претставивме минатата година ,а сега повторно сме вклучени во овој циклус на тестирање. Во 2015 имавме тренд на опаѓање, но во 2018 година драстично зголемување во однос на минатата година и сме една од државите со најголем пораст во сите категории кои ги мери ПИСА тестирањето – читање со тестирање, математичка писменост и писменост во природните науки, кои треба да бидат применети во секојдневниот живот. Тоа е она трајно знаење кое се бара од учениците – истакна Ламева, која додека дека заедно со Турција, нашата земја има најголемо подобрување во ПИСА тестирањата.
За тоа како да се задржи овој тренд на подобрување, односно како да се остварат што е можно подобри резултати, направени се анализи кои укажуваат кои ученици обично се подобри при овие меѓународни испити.
– Ако направиме анализа преку родовата застапеност, ќе видиме дека девојчињата кај нас имаат поголеми достигнувања од момчињата. Образованието на родителите, како и тоа колку книги дома имаат децата, исто така многу влијае во постиугнувањата на учениците. Важно е родителите да ги мотивираат децата во нивното учење, да ги поттикнуваат и да им дадат до знаење дека можат да ги совладаат тие содржини што се учат во училиште, па на тој начин ќе постигнат подобри резултати. Тоа е докажано и со анализата која покажува дека децата кои се мотивирани од родителите и чии родители се во тек со нивното учење, покажуваат подобри резултати од другите ученици – истакна Ламева, па продолжи да ги објаснува и другите резултати од направените анализи.
Обезбедување на воннаставни активности во самите училишта исто така можат да придонесат за учениците од тие училишта да бидат поуспешни на меѓународните тестирања. Наредната година ни претстои пилот-тестирањето за ПИСА и главното тестирање на ПИРЛС, а овие анализи и реформи кои претстојат во основното образование ќе ни помогнат да добиеме подобри резултати – нагласи Ламева.
Според нејзините зборови ПИРЛС тестирањето ќе опфати околу 4.000 ученици од основните училишта, додека дел од ПИСА тестирањето ќе бидат околу 3.000 ученици на 15-годишна возраст.
– Во април-мај следната година ќе биадт опфатени 150 основни училишта во ПИРЛС тестирањето, а ќе бидат вклучени 4.000 ученици. Моментално се бираат кои ученици ќе земат учество, а тестирањето ќе биде на Македонски и Албански јазик и ќе се изврши преку хартија и пенкало. ПИСА тестирањето за првпат ќе биде електронски, а ќе опфати околу 3.000 ученици на 15-годишна возраст. Целта на ПИСА тестирањето ќе биде да не се рангираме, туку да видиме со кои процедури кај нас, на кој начин ќе се спроведува и сите оние работи кои ќе ги заклучиме да можеме да направиме да се подобрат во иднина. Секаде во светот тестирањето на ПИСА ќе биде пилот, не само кај нас, додека при ПИРЛС тестирањето ќе имаме и ранг листа – нагласи Ламева.