Учебниците што недостигаат ќе бидат отпечатени до почетокот на второто полугодие

Учебниците што недостигаа во првото полугодие и беа во процес на набавка, би требало да бидат отпечатени и доставени до училиштата до почетокот на второто полугодие од 2019/2020. Договорите со избраниот оператор се потпишани и тој во моментов ги реализира подготвителните активности, по што ќе пристапи кон нивно печатење. Од Министерството за образование и наука за МИА велат дека набавката на нови учебници е конечно успешен зашто во изминатите пет години постапките од разни причини беа поништувани.

Учебници што се одобрени и ќе се печатат и дистрибуираат првпат во оваа учебна година се: Работа со компјутер и основи на програмирање (четврто одделение); Иновации (деветто одделение); Српски јазик (шесто и седмо одделение); Турски јазик (деветто одделение); Јазик и култура на Бошњаците (од трето до деветто одделение) и Јазик и култура на Власите (седмо, осмо и  деветто одделение).

Има и учебници што се во различна фаза од постапката за одобрување и доколку бидат одобрени ќе бидат отпечатени: Работа со компјутер и основи на програмирање (трето и петто одделение); Општество (четврто одделение);  Информатика (шесто и седмо одделение); Музичка уметност (шесто, седмо, осмо  одделение); Граѓанско образование (осмо и деветто одделение); Босански јазик (прво и второ одделение); Српски јазик (прво и второ одделение) и Географија (деветто одделение). За Географија за седмо и за осмо одделение учебниците се одобрени, но тие се на ревизија од меѓуресорска комисија на државно ниво.

Конкурси за учебници за средно стручно образование

Во согласност со реформите во средното стручно образование кои се во тек, како и новите модуларно дизајнирани наставни програми, објавени се и конкурси за изработка на учебници и повици за формирање авторски тимови за општообразовните и стручни предмети за прва година средно стручно четиригодишно образование. По завршување на постапката, учебниците што ќе бидат одобрени ќе бидат отпечатени, преведени и дистрибуирани до училиштата.

Од МОН наведуваат дека во тек е изработка на Конкурс за втора година средно стручно четиригодишно образование и Конкурс за основно образование за предметите Македонски јазик за другите заедници, кои наставата ја следат на албански и на турски наставен јазик од четврто до деветто  одделение, како и Албански јазик (изборен предмет) за учениците од другите заедници од шесто до деветто одделение.

За предметот Јазик и култура на Ромите (изборен предмет) од шесто до деветто одделение ракописите не беа одобрени и нема учебници и треба повторно да се формираат авторски тимови. Иако во повеќе наврати беа објавени повици, нема интерес од автори за пишување на овие учебници.

Во 2018 коригирани 22 учебника за основно образование

Покрај учебниците што ги нема, проблем се и оние што се во употреба, а имаат грешки и несоодветности. Во Планот за ревизија на учебници за основно и за средно образование на Педагошката служба, во кои се проверува содржината, приоритет се учебниците во средното образование кои се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година зашто се најстари и сè уште се применуваат во училиштата.

Меѓу нив е и учебникот по Социологија за втора година реформирано гимназиско образование од 2002 година, кој неодамна предизвика реакции во јавноста откако увиде дел од текстот (стр. 63) во кој пишува дека жената што е затворена дома нема јавни улоги и нема можност да прави кривични дела. Педагошката служба соопшти дека до почетокот на учебната 2020/2021 неговата содржина ќе биде соодветно измената и по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата.

Поради големиот број учебници за сите нивоа и видови образование, ревизијата и преобјавувањето на учебниците се спроведува етапно. Во 2018 биле коригирани и отпечатени 22 учебника за основното образование: девет учебници по Математика (од прво до деветто одделение), шест учебници за Природни науки (од прво до шесто одделение), три учебници за Биологија (од седмо до деветто одделение) и по два учебника за Хемија и Физика (осмо и деветто одделение).

– Практично, за сите учебници за кои добивме забелешки (стручни, методолошки и технички недостатоци, како и пропусти од аспект на превод и адаптација) формиравме комисии и пристапивме кон нивна измена, велат од МОН. Примерите за корекции во учебниците што ги посочуваат се, главно,  јазични, замена на зборови (како „приметувате” со „забележувате”, „ладно” во „студено”, „штекер” во „приклучок”, „врева” во „бучава”…)  или замена со соодветни, како „силициум” наместо „силикон”. Во некои учебници, на пример по Биологија, променет е редоследот на одредени лекции, а заменети се и слики со посоодветни.

Анкети за забелешки во учебниците,  јавноста ги „пријавува” на социјалните мрежи

Педагошката служба спроведува анкети помеѓу наставниците во основните и средните училишта за да достават сугестии и забелешки со цел да бидат ажурирани. Одѕивот на анкетата во 2017 не бил голем, но сепак задоволителен и придонел во процесот на корекција на дел учебниците. Таа можност, велат, ја има и целата јавност, но најчесто реакциите се објавуваат на социјалните мрежи.

– Забелешките обично не стигнуваат директно на наша адреса. Најчесто кога некој има одредена сугестија, односно цени дека се работи за недостаток во содржината на некој учебник, тоа речиси без исклучок прво се објавува на социјалните мрежи или медиуми, а потоа започнува лавината од реакции и критики упатени до МОН, велат од ресорното министерство.

Со измените во Законот за учебници во основното и средното образование кои минатата година ги иницираше Владата и беа усвоени во Собранието, овозможени се интервенции во најмногу до 30 проценти од содржината на учебниците. Има две опции – тоа да се направи на иницијатива на Педагошката служба со доставување барање до издавачите и авторите да предложат исправки и дополнувања, а втората опција е самите издавачи, односно авторите, да предложат соодветни корекции и дополнувања.

За предложени корекции Министерството за образование и наука и Педагошката служба објавуваат јавни повици за формирање соодветни стручни комисии, што ќе утврдат дали предложените измени на учебниците се во согласност со наставната програма и не претставуваат измена на повеќе од 30 отсто од содржината на учебникот.

Ако заклучокот е позитивен, учебникот се печати. Во меѓувреме, постојниот учебник може да биде повлечен од употреба со решение на министер или да продолжи да се применува со упатство од Бирото за развој на образованието или Центарот за стручно образование и обука за тоа како да се предава одреден дел од наставната материја, за кој се утврдило дека учебникот не е соодветен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот