УБК прислушкувала професори, бизнисмени, разузнавачи…

Снежана Јовановска-Трајковска, сведок во „Таргет-Тврдина“, правник, вработена во туристичка агенција, рече дека е приватен сопственик и основач на агенцијата “Орфеј”.

– Во периодот од 2008 до 2015 година користев неколку мобилни броеви. До СЈО поднесов барање писмено барање за да видам дали моите броеви биле незаконски прислушкувани. Знаев дека ме прислушкуваат бидејќи ми ги раскинуваа сите тендери. Пресметката беше институционална против мене и брендот „Орфеј“. Барам отштета. Виновни се и телефонските оператори кои дозволиле да бидам прислушкувана. Штета од изгубени мои пресуди кои секогаш паѓаат кај исти судии се над милион евра. Барам три милиони штета – рече сведокот.

Сведокот Ѓакуш Кабаши, вработен во канцеларијата на Совет на Европа во Скопје, во својот исказ пред судечкиот совет истакна дека од 2008 до 2015 година работел на повеќе работни места.

– До СЈО имав поднесено барање за увид дал сум бил незаконски прислушкуван. Имав сомнеж дека сум незаконски прислушкуван, поради мојата работа и мојот приватен живот. Добив одговор од СЈО дека едниот мој телефонски број бил прислушкуван 1.267 дена. Важно е судот да знае дека во тој период бев во врска со странски дипломат и затоа сум бил прислушкуван. Барам отштета во овој предмет – нагласи сведокот Кабаши.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, сведок во постапката рече дека на негово барање, по објавените „бомби” поднел барање за информација дали неговите телефони и од адвокатската канцеларија се следени.

– Ми беше одговорено дека телефонските броеви биле подолго време прислушкувани. Уште во 2009 година имав сомневање дека ме прислушкуваат и следат. Во 2010 година од обвинителот Лиле Стефанова ми беше кажано дека ме следат и прислушкуваат. Ги видов моите транскрипти во предметот „Ликвидација”. Се чувствувам оштетен и штетата ќе ја барам во граѓанска постапка – нагласи Давидовиќ.

Оштетениот Влатко Стефановски од Скопје, вработен во приватна агенција за обезбедување како менаџер, пред судечкиот совет изјави дека имало снимка каде бил споменат и затоа побарал информација од СЈО дали бил прислушкуван.

– Од страна на СЈО ми беше укажано дека мојот телефонски број бил прислушкуван. Во граѓанска постапка ќе барам отштета – рече Стефановски.

Поранешниот шеф на военото разузнавање, професорот Владимир Пивоваров, сега вработен во Владата на Македонија рече дека после јавниот повик од СЈО, до таа институција поднел барање за да дознае дали бил нелегално прослушкуван.

– Во СЈО ми беше кажано дека ми бил прислушкуван мојот приватен мобилен број. Штета не барам од Буџетот на државата, туку од извршителите на ова кривично дело – рече Пивоваров.

Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешната УБК кои се обвинети за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година. Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапено од обвнителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристовска.

Судењето по предметот „Таргет-тврдина” е започнато на 22 декември 2017 година и се наоѓа во фаза на доказна постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот