Убивање, ама онака, по нашки

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Не можам, а да не се сетам на тоа како изгледаше мојот прв уредник во Би-би-си, Стивен Ашли, кога првпат му кажав дека ќе го убијам. Мислам, каков беше неговиот лик. За еден миг лепеза од емоции. Па, конечно, сиот здрвен и збунет, и натаму без да знае што да каже и како да реагира единствено што успеа да пропелтечи беше: Уај?

Не знам кој е среќен деновиве во кралството наше обединето. Во низата штрајкови, главно за повисоки плати, на вработените на универзитетите, на возачите на возови, на автобуси, на јавната администрација, деновиве се приклучија и учителите, па повеќе од 20.000 училишта останаа затворени. Можеби децата? Обично, колку што се сеќавам, кога „губевме часови“ на училиште, среќата ни беше краткотрајна, зашто загубеното требаше да се надомести, и тоа обично во саботите, што беше доволно да се намали радоста за мошне кусо време, обратнопропорционално со уништениот викенд.

Губење часови и рејтинг

Има и протести, организирани од синдикатите, зашто владата сака да наметне минимална задолжителна работа за време на штрајковите. И, што се случува? Родителите останаа дома, прво затоа што и да сакаа, голем дел од нив не можеа да стигнат на работа, па се вратија на „работа од дома“, како во „најдобрите денови“ за време на пандемијата. И, згора на тоа, мораа истовремено од дома да ги образуваат своите наследници, онака како што умеат и знаат, да напишат некое домашно, да прочитаат нешто интересно, да решат некоја задача, нешто што ќе ги држи во форма и ќе им го окупира вниманието додека не тргнат пак во училиште, што ќе биде на општо задоволство и со колективно здивнување на илјадниците родители, учители, возачи, административци и, се разбира, на премиерот Риши Сунак.

Штрајковите стануваат сериозен проблем во земјата и извор на постојани грижи на владата, која и онака во просек еднаш недело ја потресува плус некоја афера од сопствено производство. За најновата брчка на челото и за уште некое бело влакно во ѕифт црната коса на Сунак, придонесе и најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд кој предвидува дека британската економија годинава ќе влезе во рикверц. ММФ предупреди дека Британија ќе има најлоши перформанси од сите развиени земји и додаде сол на раната – растот ќе биде понизок и од оној на Русија. Ауч. Болно. Ама, нели, надежта умира последна, а можеби и оние од ММФ станале на лева нога, не им бил денот или…

Ништо сериозно

Не можам, а да не се сетам на тоа како изгледаше мојот прв уредник во Би-би-си, Стивен Ашли, кога првпат му кажав дека ќе го убијам. Мислам, каков беше неговиот лик. За еден миг лепеза од емоции. Прво ме погледна со неверување, па со сомневање, па во дел од секундата како молскавично да размислуваше и да ја проценуваше и преоценуваше ситуацијата на која ѝ претходеше оваа, според него со ништо предизвикана, а сепак сериозна закана. Па, конечно, сиот здрвен и збунет, и натаму без да знае што да каже и како да реагира (а бегството не беше опција зашто јас бев пред него, тој беше метро и педесет и шеесет кила жива мера, а јас со сите мои метро и шеесет и пет и… добро, за килограмите дама ниту се прашува ниту кажува) единствено што успеа да пропелтечи беше: Уај? Зошто…

Потоа речиси еден час и повеќе му објаснував дека тоа не беше ништо сериозно, дека немам никаква намера да го лишам од животот и дека тоа „ќе те убијам“ е нешто што ние на Балканот го употребуваме онака, кога се шегуваме, кога сме малку изнервирани, кога се караме и се расправаме, ама не сме сериозни. Им го кажуваме на најблиските и на нешто подалечните. Добро, секако, има и случаи кога „ќе те убијам“ кажано лично, писмено, онлајн или преку посредници треба задолжително да се пријави во полиција и во други надлежни служби и може да биде исклучително сериозно. Ама во случајот со Стивен, не беше.

Му објаснував јас како кај нас многу зборови се изрекуваат така лесно ама не значат она што значат и дека кога мајката ќе му каже на детето изнервирана, ако не се вратиш дома на време, подобро не се враќај, таа не го мисли тоа сериозно и детето подобро да се врати ако знае што е добро за него. И дека кога тетките го штипкаат бебето и му велат дека ќе го изедат, кај нас не владее прикриен канибализам, туку тетките само го сакаат и му се восхитуваат на детенцето, со вцрвенети од штипкање и бацување образи. И дека кога… добро, знаете на што мислам…

Потоа едно време многу внимавав што му велам и како му се обраќам на Стивен, со кого денес сме одлични пријатели и се тешев дека тоа беше само во првите години на мојот живот во Англија, кога ваквите грешки, рака на срце, не беа ретки. Но, во оваа пригода, кога тргнав со признавањето, да кажам и дека и по Стивен, повеќепати го „убивав“ Џонатан, па потоа и Ричард и Сајмон, а еднаш за малку и еден дипломат што беше на служба во мојата прва татковина. Интересно, со мојот драг Душан, а и со Бранко и Алекса немав вакви ситуации, само со Англичаните. Моите знаеја. Сите други од домашното население беа луѓе кои ми беа многу драги и со кои станавме пријатели и покрај тоа што во некоја прилика сум им упатила „закана со убиство“. Но, во убав разговор, со многу забава и смеење и шегување. Ова потоа стана наша интерна шега, во вечерите поминати со разговори за менталитетите, културата на однесување, навиките и фолклорот. И Т‘га за југ и преводите на нашите народни песни, некои од нив со содржини како криминалистички филмови, а богами и понекој хорор. (Сестра кани брата на вечера…). Ама тоа е друга приказна.

БоЏо и сè е можно

И ете ти го сега поранешниот премиер тука, Борис Џонсон, кој најверојатно сакајќи да привлече внимание врз себе, деновиве одеднаш се присети дека рускиот претседател Владимир Путин во еден телефонски разговор, пред инвазијата врз Украина, кога тој бил премиер, му се заканил дека ќе го убие со ракета. Ќе го гаѓа директно Москва-Лондон. Немав воопшто намера да го бранам рускиот претседател, ама веднаш штом го слушнав ова помислив на мојот муабет со Стивен, во моите рани лондонски денови. Путин, си помислив, најверојатно се шегувал и се мајтапел со Џонсон, а во краен случај покажувал дека има лоша смисла за хумор.

И, нормално, потоа Путин ја негираше изјавата на Џонсон, па се појави записникот од разговорот на Даунинг стрит 10 од кој се гледа дека Путин имал право(!) и излезе дека БоЏо пак брка публицитет, има „сомнително“ сеќавање, а кога се обелодени дека тој снима и документарец за времето кога бил премиер, работите станаа појасни. Борис, и сè е можно. А ни беше премиер.

Авторката е новинарка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот