Убиството во Кочани и состојбите во новинарството

Фото: Слободен печат

Иако е есен, времето и натаму се однесува како да е лето, мамејќи ги скопјаните на долги и опуштени паузи на терасите од кафулињата. Темите во насобраното друштво се менуваат како на филмска лента, од „Рекет“ до одбојка, од домашен фудбал до Грета Тунберг. И наеднаш се вклучувам во излагањето на еден мој постар колега, кој веќе подолго време уредува еден популарен македонски портал.

– Сабајлево најмногу „кликови“ имаше „Убиството во Кочани“. Луѓето најмногу читаат црна хроника – заклучи тој.

„Убиство во Кочани“ – на мене ми звучи како одличен наслов за крими роман, но откако ја пронајдов веста и ја прочитав содржината, осознав дека најчитаната вест на денот всушност е штуро известување од полицискиот билтен, за една грозоморна и мошне драматична случка која навистина се случила во Кочани.

– Убиството се случило утринава во дворот од семејната куќа на улицата „Климент Охридски” во Кочани. На немилиот настан му претходела расправија меѓу сопружниците, но и тепачка. Од засега непознати причини С.В. почнал да ја удира Н.С., а таа во еден момент со остар предмет го избодела сопругот во градите – се вели во дел од информацијата, за која не знам од кои причини е најпопуларната на македонските информативни портали.

Зошто убиството во Кочани или убиство во некој друг град е воопшто интересно за читање? Полициските извештаи по вокација се здодевни и во интерес на истрагата составени се со мал број на факти, за да се избегнат несакани последици по утврдувањето на вистината. Како материјал за некој роман се добра основа, но тоа е сè. Во нив нема ништо интересно, возбудливо, туку напротив, „гола вистина“ за една семејна драма со трагични последици.

Но, можеби токму тоа што „Убиството во Кочани“ на луѓето им дава прилика за момент да „ѕирнат“ во нечиј дом и присустуваат на туѓа кавга е причината за популарноста на црната хроника. Сообраќајни несреќи, самоубиства, домашно насилство, врсничко малтретирање, силување, педофилија, тоа се темите кои на просечниот македонски читател со пристап на интернет му се најинтересни. Значи не Агата Кристи, Конан Дојл или Стиг Ларсон, каде на волшебен начин се опишани истрагите на мистериозните злосторства, туку на читателите им се баш интересни извештаите од полиција. „Син претепал татко“, „Жената го убила сопругот со секира“, „Вистинска драма во Кратово: Снаата ја претепала свекрвата“, „Од очај си го пресекол пенисот“ итн. Безброј слични наслови можат да се пронајдат во архивите за генераторите на вести, а доказ за читаноста и популарноста е тоа што за една иста информација известуваат 200 и повеќе портали.

Јас навистина не го знам одговорот на прашањето зошто вести од црна хроника се најчитаните. Туѓите животи се туѓи со причина и сметам дека така треба остане дури и во ситуација кога жената си го убила мажот или синот уринирал на гробот на својата мајка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот