Убиени 32 лица во напад на Ал-Шабаб на плажа во Могадишу
Во напад на хотел во главниот град на Сомалија, Могадишу, убиени се 32 лица, а 63 ранети, соопшти сомалиската полиција. Одговорноста за нападот ја презеде огранокот на Ал Каеда во Источна Африка, Ал-Шабаб.
Портпаролот на полицијата изјави дека еден војник е убиен, а друг ранет, додека останатите убиени се цивили, пренесува АП.
Нападот е извршен вчеравечер на популарната плажа Лидо во Могадишу.
Сведок на настанот изјави за „Асошиејтед прес“ дека го видел напаѓачот како носи елек со експлозив неколку моменти пред мажот да се разнесе до хотелот. Друг сведок за агенцијата изјави дека „видел многу луѓе како лежат на земја“ и дека помогнал да се пренесат некои од ранетите во болница.
Областа на плажата Лидо во минатото беше цел на милитантите сојузници на Ал-Шабаб. Во последниот напад минатата година, девет лица загинаа, потсетува АП.
Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд минатата година им објави „тотална војна“ на милитантите бидејќи земјата почна да презема одговорност за сопствената безбедност.
Ал Шабаб сè уште контролира делови од јужна и централна Сомалија и продолжува да извршува напади во Могадишу и други области, додека изнудува милиони долари годишно од жителите и бизнисите во обид да наметне исламска држава.