Убедлива победа на ХДЗ, СДП доживеа фијаско

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

На парламентарните избори во Хрватска, владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ оствари убедлива победа, а нејзиниот најголем ривал, коалицијата Рестарт, предводена од Социјалдемократската партија (СДП), доживеа фијаско, објави Индекс.хр.

Според резултатите на Државната изборна комисија, врз основа на обработени 98,94 отсто од избирачките места, ХДЗ со своите коалициски партнери во некои изборни единици (ХСЛС и ХДС) освоиле 66 мандати, додека на коалицијата Рестарт и припаднаа 41 мандат.

На трето место се наоѓа Татковинското движење на Мирослав Шкоро со 16 мандати, следуваат Мост со осум, Можеме со седум, Партијата со име и презиме освои два, а Реформистите и ХНС по еден мандат. Уште осум пратенички места во Саборот им припаѓаат на националните малцинства.

Премиерот и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ синоќа им се зблагодари на сите кои гласале за неговата партија и оцени дека „демократија е кога граѓаните ја искажуваат својата волја во кој правец да се движи државата”.

– Овој резултат обврзува. Имавме тежок мандат, полн со искушенија кои се зад нас. А предизвиците кои се пред нас се многу поголеми. Таквите околности бараат труд, елан, пожртвуваност, знаење, искуство, истакна Пленковиќ пред членството и симпатизерите на партијата, дочекан со аплауз и овации.

Тој истакна дека на „Хрватска и се потребни решенија и за економијата и за јавното здравје, јакнење на институциите, човековите и малцинските права”.

– Оваа победа ни овозможува да бидеме малку весели, опуштени. Веднаш изутрина почнуваме сите заедно, како и досега, со цело срце да работиме за Хрватска, заклучи Пленковиќ.

На парламентарните избори во Хрватска, врз основа на 96 отсто од обработените избирачки места од страна на Државната изборна комисија, своето право на глас го искористиле 1.661.359 избирачи, односно излезноста била 46,68 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот