Убави емоции и релаксирана атмосфера има на 22. „Оф-фест“ во Скопје

Три фантастични женски вокали ги одбележаа првите две вечери на 22. „Оф-фест“ откривајќи го својот специфичен музички израз, емоции и културно наследство што го носат во себе.
Одржувањето на музичкиот фестивал „Оф-фест“ вообичаено го најавува најубавиот период на културен и музички живот во Скопје. Самиот фестивал со својата суштина, разнообразност и слобода во музичкиот израз поттикнува убави емоции и релаксирана атмосфера.
Посебен предизвик е можноста да се слушнат мелодии, песни и звуци од различни предели низ светот, да се дознае и открие нешто ново и да се спознае среќата, радоста, некогаш и тагата и меланхолијата на музичари со различен бекграунд, израз и културно наследство што го носат со себе.
Карактеристична боја на трите концерти од првите две вечери на 22. „Оф-фест“ дадоа три прекрасни женски вокали. Сентименталната вокалистка Мизија изворно го пренесе звукот на португалското фадо. Нејзиниот настап беше поделен на два дела, од кои во првиот поголем акцент стави на своите авторски композиции и песни што се објавени во нејзините албум и книга со наслов „Animal Sentimental“ (2022), додека во вториот дел од концертот публиката можеше да слуше поширок репертоар на песни од различни автори, како Фернандо Песоа, Жозе Сарамаго, а концертот заврши со изведба на песната „Солза“ од фадо-ѕвездата Амалија Родригез.

Ако португалското фадо е познато како музички жанр низ целиот свет, а веќе е прогласено и за светско културно наследство од УНЕСКО, тогаш во рамките на втората вечер публиката имаше можност да слушне музика што ретко се слуша на нашата сцена. Емотивната Мари Калкун ни ја откри и ни ја доближи традицијата на естонската музика. Иако дел од песните ги изведува на стар естонски јазик, кој малкумина во светот го разбираат, сепак таа успеа да ги пренесе пејзажите на својата земја преку музиката.

Традицијата на земјата од која потекнува е длабоко втисната и во песните и изведбата на вокалистката Зарина Првасевда, која е македонски претставник во програмата на „Оф-фест“ заедно со нејзиниот ансамбл.

Годинашното издание на „Оф-фест“ трае до 10 јуни во доцните вечерни часови и затоа комплетниот осврт ќе го направиме по завршувањето на целата фестивалска програма.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)