УБ-ВИДЕО | Кацарска: Средбата во Брдо не донесе ништо ново – се дијагностицираше веќе постоечката разочараност

Симонида Кацарска - директорка на Институтот за европска политика / Утрински брифинг

Средбата на лидерите на Европската унија со лидерите од Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија беше темата за која во „Утрински брифинг“ разговаравме со Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика. Ако досега се зборуваше за „перспективи“ за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во Крањ за првпат по подолго време, под услови за реформи во земјите, во завршниот документ од Самитот стои зборот „проширување“.

– Ние и формално сме во тој процес на проширување. Сега останува дали ќе ја гледаме чашата полупразна или полуполна, односно сѐ зависи од толкувањата на овие документи од самитите на ЕУ, вели Кацарска за „Утрински брифинг“.

Во Крањ проширувањето беше тема, но само како збор, а друго прашање е дали ние ќе бидеме задоволни што стои во документот како збор или не, додава Кацарска.

Албанскиот премиер Еди Рама и претходно рече дека земјите од Западен Балкан нема што да очекуваат од ЕУ, додека македонскиот премиер Зоран Заев сепак истапи со изјави на оптимизам.

– Средбата во Брдо не донесе ништо ново. Во принцип средбата ја дијагнистицираше веќе постоечката разочараност. Во изминатава година многу појасна е фрустрацијата којашто постои во Комисијата, но и улогата којашто ја има ЕК во овој мандат, особено ако се имаат предвид дискусиите околу улогата којашто ја има комесарот за проширување, Оливер Вархеји, вели Кацарска за „Утрински брифинг“.

Општиот впечаток е дека не се креира позитивна струја во однос на проширувањето, дури и од страна на оние коишто треба да го поддржуваат, вели за „Утрински брифинг“ Кацарска.

– Јасно е дека главната порака што се испраќа е дека проширувањето е забавено и одложено за неодредено време, така гледаат и медиумите. Самиот збор проширување е употребен повеќе како забава за јавноста и медиумите. Факт е дека нема ништо конкретно, а перспективата не се приближува. Ние тоа многу јасно го гледаме со нашиот случај, вели за „Утрински брифинг“ дописничката на МИА, Тања Милевска, за реакциите во Брисел по средбата во Крањ.

Таа посочува дека и некои лидери на Европската комисија одат во крајно отворени изјави, а од друга страна го имаме комесарот за проширување Вархеји кој е негативно настроен кон проширувањето на ЕУ.

Фон дер Лајен со својата изјава сака да ја пренесе пораката дека ЕК е за проширување, но треба да се знае дека Европската комисија не е таа одлучува за тоа. Во однос на комесарот Вархеји, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен вели дека стои зад сите членови на нејзината комисија, но дека процесот на проширување го работат секретари експерти кои со години работат на таа проблематика, со што на Вархеји му стави до знаење колкава е неговата улога во тој процес.

– Особено е значајна улогата на комесарот за проширување. Голем број луѓе беа загрижени кога Вархеји беше поставен на позицијата комесар, поради неговата блискост со Виктор Орбан и политиката против проширување на Унгарија. Всушност, најголеми реакции имаше за неговото поставување, но, од друга страна, ниедна друга земја не се бореше да го добие тоа место. На големите земји не им беше битен тој портфељ. Јасно беше дека во оваа констелација нема да може да се постигне нешто туку ќе се забави постојниот процес, коментира Кацарска.

Таа истакнува дека ние треба да сме свесни дека ќе зависиме од волјата на некоја прогресивна Влада во Бугарија, што е малку веројатно дека ќе дојде. Бугарскиот претседател Румен Радев по средбата во Брдо спомнува невозможни работи, на пример дека очекува 120 илјади Бугари да се појават во пописот. И генерално, Бугарија постојано ја менува интерпретацијата на меѓусебниот договор за добрососедство. Сепак, факт е дека Бугарија, па и самиот Радев, се соочува со неформаленод притисок од САД и реален притисок од ЕУ, но Радев вели дека не сака притисок, па овие негови изјави може да се толкуваат во таа смисла.

Целиот раговор погледнете го во видеото:

Видео на денот