УБ ВИДЕО | Дувњак: Правдата е скапа, но на секој обинет му требаат добри адвокати

Гордана Дувњак / Утрински брифинг

Денешната тема на „Има или нема правда“ со Гордана Дувњак на Утрински брифинг беше колку се важни парите кога имате судски спор.

Гледаме како еден од најбогатите луѓе во Македонија, Орце Камчев, на сите начини се обидува да ја истера својата правда. Тој има средства и ресурси да го прави тоа, пред се со ангажирање добри адвокати. Колку е тоа важно?

-Не дека не е важно каков и кој адвокат или адвокати ангажирате ако сакате да постигнете нешто. Македонија е земја каде што многу се парничи, но судските такси се многу поголеми по жалбена постапка па често луѓето се откажуваат. Но, битно е тоа што секому му е загарантирана правна заштита без оглед на неговата материјална состојба. Затоа имаме и бранители по службена должност, вели Гордана Дувњак за Утрински брифинг.

Дали може секој адвокат да биде назначен по службена должност или на списокот на адвокати што работат вакви случаи се сведува на адвокати кои едноставно немаат доволно работа?

-Може, но и не мора да значи дека станува збор за адвокати кои немаат работа. Главно се млади но амбициозни адвокати. Секој има право на одбрана, но тие што имаат пари се во предност. Во предметите на СЈО видовме дека работат цели адвокатски тимови. Камчев за случајот „Плацеви на Водно“, на пример, има тим од шест адвокати, вели Дувњак.

Судењата повеќе не се сведени само на она што се случува и одвива во судниците. Има и ПР и медиумска стратегија, кои исто така чинат пари.

-Со измените на Кривичниот законик гледаме вистинска битка во судницата. Се вкрстуваат мислења и ставови. Постојат еднакви правни средства и за обвинителите и бранителите. Забележуваме во судниците и адвокати кои беа дел од Шарената револуција кои протестираа против оние кои сега ги бранат. Имаше на времето поделба на наши и ваши адвокати, а сега гледаме и друга ситуација, коментира Дувњак за Утрински брифинг.

Таа потсетува дека првото такво изненадување беше кога адвокатот Сашо Дуковски ја бранеше поранешната министерка за култура Канческа-Милевска, па адвокатите му напишаа реакција по што тој им се налути и на новинарите и не ги поздравуваше. Но, секој има права на одбрана, констатира Дуњак.

Кога во една пригода го прашала познатиот адвокат Тома Фила кого му било најтешко да брани, тој одговорил дека најтешко е да браниш невин човек.

Секое излегување на суд чини пари. Колку чини одбрана за дело за кое некој може да одлежи 10 години затвор?

-Не знам, но гледам од тие што пријавуваат даноци, пријавените даноци се високи кај адвокатите. Скапа е слободата и претпоставувам дека се високи износите на хонорарите. Една иницијатива за Стразбур е 60.000 денари за некој да ја подготви како што треба. Луѓе земаат кредити и продават станови за да ангажираат адвокат што знае како да го одбрани својот клиент, заклучува Дувњак во разговорот на тема има или нема правда во Македонија.

Целиот разговор во видеото

Видео на денот