УБ-ВИДЕО | Дувњак: Истрагата мора да заврши до крај, за да не ни се повторат нови трагедии

Гордана Дувњак / Утрински брифинг

Темата на денешната рубрика на „Утрински брифинг“, посветена на тоа дали има или нема правда на која редовен гостин-коментатор е новинарката Гордана Дувњак, беше Извештајот на Обвинителството за пожарот во модуларната болница во Тетово, кој пак беше основа за тоа дали премиерот Зоран Заев ќе ги прифати оставките на министерот и неговиот заменик и не.

– Според новиот закон, Обвинителството е главен диригент на истрагата, она што порано го работеа истражните судии сега го работат обвинителите. Тие работат на прибирање докази заедно со МВР и од истрагата потоа зависи дали ќе има или ќе нема обвинение. Интересно е што ова е само првичен извештај од форензиката на МВР, и треба да се знае дека истрагата не е завршена, па оттука зачудува што премиерот избрза со одлуката во врска со оставките. Допрва треба да стаса и вештачењето од германските експерти експерти и да се направат анализи, вели Дувњак за „Утрински брифинг“.

Обвинителот Бесим Алиу вчера рече дека овој извештај е само еден сегмент од наодите што е објавен под притисок на јавноста.

– Затоа е чудно ова избрзување што го покажува власта. Се разбира дека никој не верува дека министерот Венко Филипче го вклучил штекерот или неговиот заменик од пазар го купил продолжниот кабел. Но, сѐ уште остануваат многу отворени прашања, вели Дувњак.

Всушност, нервозата се крена нецели 10 часа по трагичниот настан и преку социјалните мрежни, но настанот најмногу го користеше опозицијата со морничави изјави дека гореле живи луѓе и слично, па очекувано е Обвинителството да е под притисок.

– Станува збор за сложена истрага. Одделот за организиран криминал досега  набави 5000 документи од тендерската документација за набавката на модуларните болници. Верувам дека обвинителите се под страшен притисок и дека јавноста очекуваше да излезат со првични наоди. Но, истрагата треба да биде темелна. Затоа што има и други 18 модуларни болници во државата и прашање е дали се тие безбедни. Дали функционираат системите за рана детекција на пожари. Пожари секаде има во светот, но јавноста добро знае дека по 30 вакви слични пожари низ светот Европската комисија донесе безбедноси протоколи и истрагата треба да го провери тоа, коментира Дувњак за „Утрински брифинг“.

Исто така, и јавноста е нервозна и врши притисок. Кога се градеа болниците јавноста повторно беше нервозна зошто сѐ уште нема болници и зошто долго се градат. Обвинителот Алиу се обиде да укаже дека има премногу околности во овој случај за да се дојде до квалитетна разрешница, а истовремено постои притисок веднаш да се најде виновник.

– Ова е настан од висок приоритет но не треба да се злоупотребува, особено не во предизборна кампања, оти моментот е многу сензитивен. Опозицијата сака да го искористи во кампања за да покаже дека власта е неспособна, власта не сака да признае дека нејзини челни луѓе носат вина. Во суштина треба да воспоставиме систем на одговорност во државата, да се знае што е кривична, политичка или морална одговорност. Ние пак, воведуваме некои балкански кованици – понудена па неприфатена оставка и сл. Морална оставка е личен чин и кога е изнудена не е искрена, вели Дувњак.

Таа додава дека има впечаток оти овој период имаше многу грешки, неснаоѓања и за ковид-кризата и за модуларните болници – прво имаа па немаа дозвола за градба оти не е потребна. Дувњак смета дека треба да се внимава и на изјавите кои може да бидат лесно запалливи и на лажните информации кои се премногу присутни.

Македонија е земја во која малку се извлекуваат поуки од вакви работи, сите зборуваат за оставки, а речиси никој за тоа што научивме од овој пожар што примарно треба да нѐ интересира.

– Да се сетиме само на поплавите. Кај нас е секое чудо за три дена. Постои една ноншалантност која е разочарувачка. Во секоја работа е вклучен човечки фактор и личната одговорност. Секој кој не се води од лични и партиски интереси, оти и некој наш близок човек можел да настрада, би имал поинаква реакција, заклучува Дувњак за „Утрински брифинг“.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот