УБ ВИДЕО | Дујовски: Се менува ли стабилноста на Балканот после конфликтот Белград-Приштина

проф. Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност / Утрински брифинг

Во Косово ситуацијата се смирува по вчерашните инциденти. Веројатно се вклучиле некои дипломатски канали. Дали се ова случајни инциденти или станува за политичка стратегија на двете стран, го прашавме деканот на Факултетот за Безбедност Никола Дујовски во денешен Утрински брифинг.

-Ова сега е привиден мир, оти во Косово подолго време е нестабилно уште по формирањето на владата на Албин Курти. Да се надеваме дека ќе биде мирно, но популистите немаат за цел да обезбедат подобар живот на Северот на Косово. Факт е дека на Северот на Косово има многу криминал и нема институција што може да воспостави контрола затоа што таму интересите се испреплетени и состојбите не се решени, вели проф. Дујовски.

Албин Курти уште откако стана премиер на новата косовска влада се обидува да го утврди суверенитетот на Косово.

-Кога беше во опозиција, ставовите на Курти беа потврди. Сега се гледа дека се труди на Северот на Косово да го намали влијанието од Белград. Иако Белград и нема некоја власт таму освен на граничниот премин од едната страна и тоа што во тој дел може да се плаќа со динари, вели Дујовски.

Се вели дека ликвидацијата на Оливер Ивановиќ, српскиот претставник во Косово, веројатно беше изведена од шверцерите на стоки и шверцерите на политика што оперираат на северот на Косово.

-Таму, покрај борбата против криминалот, има и борба за влијание. Демонстрација на сила е кога се праќаат полицајци за спроведување на законот за задолжителни косовски регистерски таблички, вели Дујовски.

Поширокиот контекст на овој инцидент лежи и во блокираните преговори меѓу Белград и Приштина и покрај тоа што и САД и Брисел вложуваат напори, но тие напори се сега повеќе во насока на гаснење на пожарот. Што добива Курти со ова повремено разгорување на ситуацијата?

-Па, налепници се ставија на регистрациите. И Белград и Приштина имаат интерес од статус кво. Брисел е сѐ помалку заинтересиран со реални методи да се надмине проблемот на Косово. Во иднина уште повеќе ќе се разделат политичките ставови, со спорадични инциденти. Балканот е станат многу немирно подрачје, коментира проф. Дујовски за Утрински брифинг.

За разлика од Косово, кај нас се гради поинаква политика. Ние изградивме култура на договарање за разлика од таму, каде што нема разговори. Вчерашната акција во Косово ако беше водена од полицајци Срби, конотацијата ќе беше сосема поинаква. Тие имаат застапеност во полицијата но многу малку, коментира Дујовски.

-Регионот е проблематичен и има настани кои ги раздалечуваат земјите. Црна Гора има проблеми со СПЦ, Република Српска сѐ повеќе се движи во насока на непризнавање на суверенитетот на БиХ, Косово се случува ова што се случува, па и нашиот спор со Бугарија, аргументира Дујовски.

Ѕвечкањето со оружје во Србија е реално или политички маневар?

-Тоа е повеќе пропаганда и не значи дека Србија и ќе ја употреби таа војска. Вчера војската беше распоредена на 5 километри од границата со Косово. И Самитот на неврзаните беше искористен за изложување оружје од производството на Застава, вели Дујовски.

Ќе има ли политички импликации од ѕвечкањето на оружјето?

-Веројатно Србија сака да гледа низ призмата на покажување моќ. Но повеќето околни земји се членки на НАТО. Белград се обидува да ја вовлече Москва во проблемите во регионот колку што може повеќе на сметка на ЕУ. Но, на Балканот влијание имаат САД и Москва, а ЕУ се повлекува, коментира Дујовски.

Целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот