Уау, каква ажурност, аплауз за Комунална!

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Викендов на социјалните мрежи се појави видео од работник на „Комунална хигиена“ како мете ѓубре и наместо во канта за отпадоци, го фрла во реката Вардар. Ваквото видео експресно почна да се шири и како и многу други портали и „Слободен печат“ одлучи да го објави.

Очекувано, имаше бројни реакции, како не му е срам на човекот, каква е оваа држава во која ѓубрето од улица се фрла во Вардар, тешко ли му било да ја отвори кантата за отпадоци и слично. Се согласувам, срамно и жално за една држава е, прво, што има толку многу ѓубре по улиците, а уште посрамно е што луѓе задолжени токму за хигиената во градот, ѓубрето го преместуваат од едно место на друго. Го зачисти мостот, но ја загади реката. Срамота!

По ова, „Комунална хигиена“ експресно реагираше и ги информираше медиумите дека ѓубреџијата добил отказ. Молам?! Што?! Сирот човек, можеби не требаше да го објавиме видеото, беше мојата првична реакција. Па не можевте да го казните или санкционирате на друг начин, туку моравте веднаш да го избркате од работа?!

Во ред, треба вака да се постапува. Но, во нормална држава, не кај нас. Прво треба да се измете „ѓубрето“ кое изминативе 28 години ја пљачкосува државата и го загадува воздухот, па дури потоа да се удри по ваквите луѓе, кои претпоставувам работат за мизерна плата. Амнестија за апашите, камшик за работниците.

До кога ќе удирате по грбот на најсиромашните? До кога законите ќе важат само за обичните граѓани, а не и за вас, господо од власта? Зарем овој ѓубреџија е единствениот во државава кој постапил погрешно и требаше да се казни и тоа на најсуров начин, да се остави без егзистенција? Не можевте по магарето, па удривте по самарот?

Прво исчистето го ѓубрето од вашите редови. Еве за почеток почнете од „тендерашите“ и „патаринашите“, како и од „вратарите“. Во државата треба да се стави ред еднаш засекогаш, но не на ваков начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот