Уапсени шест члена на мала ултрадесничарска група: Планирале напад врз масонска ложа во Франција
Шест члена на мала неонацистичка група, осомничени за планиран напад врз масонска ложа, беа уапсени во вторникот во Дуб и Долна-Рин, соопшти денес судски извор, потврдувајќи информации од БФМТВ, јави дописникот на МИА.
Тројца од нив, двајца мажи и една жена на возраст од 29 до 56 години, беа претставени овој петок пред парискиот истражен судија со цел да се покрене обвинение за „злосторничко терористичко здружение”. Другите тројца, двајца мажи и жена, беа ослободени без гонење во овој момент.
Националното обвинителство за борба против тероризмот (Пнат) отвори прелиминарна истрага во февруари 2021 година за активностите на оваа мала ултрадесничарска група. Според извор близок до досието, луѓето кои се вклучени се осомничени дека сакале да подготват насилна акција, потенцијално против масонска ложа. Проектот сепак не изгледаше непосреден. Тие беа уапсени по размената меѓу нив, а особено затоа што истражувале можни експлозиви и извршиле проверки на теренот за лоцирање на цели.