Уапсени двајца полицајци – „кртови“ на групата од Грчец

Двајцата инспектори со оддавање информации го отежнале докажувањето на пет кривични постапки, меѓу кои и операцијата „Планина“ што се водеше една година, но пропадна, па не беше уапсен ниту еден член на групата.

Двајца пензионирани инспектори се осомничени дека соработувале со криминалната група „Дуќанџик“ од село Грчец, предводена од Шеваљ Муареми, кој е во бегство. Во акција на полицијата во координација со обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) се уапсени три лица – двајца инспектори и еден од припадниците на групата „Грчец“.

Според информациите од Обвинителството, двајцата поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, се поврзале со водачот на групата Муареми и преку еден од припадниците на групата, кој исто така е уапсен во прексиноќешната акција на полицијата, собирале, пренесувале и споделувале информации за кривичните постапки што се воделе против групата.

– Осомничените, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првоосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации. Во наведениот период осомничените, од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда“, соопшти ОЈОГОКК.

Според Обвинителството, двајцата инспектори со оддавање информации го отежнале докажувањето на пет кривични постапки, меѓу кои и операцијата „Планина“ што се водеше една година, но пропадна, па не беше уапсен ниту еден член на групата.

Конкретно, оддавале информации за настан што се случил во декември 2019 година, во кој криминалната група се заканувала на жртва на обид за убиство да ја смени изјавата пред полицајците, кој потоа бил и убиен. Оддавале информации и за убиство што се случило во август 2020 година, а истата година ѝ пренеле на криминалната група дека против нив се применуваат посебни истражни мерки.

– Во текот на втората половина од 2020 година, осомничените споделувале службени информации за примена на посебни истражни мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“ во кое беа опфатени лица од оваа организирана група, за кривично-правен настан случен во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело „грабнување“ биле пренесени информации за обезбедените докази и изјави на сведоци задржани лица, за двојното убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување – објаснуваат од Обвинителството.

Обезбедени се и материјални докази дека еден од инспекторите се збогатил несразмерно со платата што ја примал. Тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови. Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка, а Обвинителството бара притвор за нив.

Непосредно пред формирањето на техничката влада, кога сè уште министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, кривични пријави беа поднесени против 15-члена криминална група, но само петмина завршија во притвор и само ним им се суди.

Спасовски уште тогаш соопшти дека истрагата утврдила дека вработени во МВР, министерства, судови и јавни обвинителства биле поврзани со групата. Бандата од Грчец се товари дека шверцувала кокаин и била вмешана во убиства и обиди за убиства. Водачот на групата Муареми, според неофицијални информации се наоѓа во Дубаи и по него е распишана меѓународна потерница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот