Уапсена банда за кражба на илјадници кучиња во Виетнам

Шеснаесет членови на една банда се уапсени, а 51 куче е спасено во истрагата за кражба на илјадници кучиња низ северен Виетнам, соопшти денеска полицијата, а пренесе ДПА.

Од почетокот на годината во провинцијата Тан Хоа, на 150 километри јужно од Ханој, се украдени илјадници кучиња, се наведува во извештај на локалната полиција.

Виетнамските власти вкупно сослушале повеќе од 40 осомничени лица, поврзани со оваа криминална мрежа, и уапсиле 16 од нив.

– Оваа мрежа функционираше долго време, крадеше многу кучиња и предизвикуваше бес кај локалното население, изјави за ДПА локален полицаец, кој посака анонимност.

Во неделата вечерта полицијата ги уапси Ле Ти Фуонг (34), Тран Ван Танг (33) и Лаи Кац Хунг (38), кои се идентификувани како лидери на бандата одговорна за извршување на десетици кражби на кучиња.

Бандата, наводно, доцна навечер возела мотоцикли низ станбените области за да краде кучиња со помош на пиштоли за зашеметување, со мамки и торби.

Според виетнамскиот закон, само кражбите на предмети со вредност поголема од 86 долари се третираат како кривично дело, што значи дека крадците на кучиња често пати избегнуваат обвиненија и казни.

Претходно неделава, службеници за безбедност на храната во Хо Ши Мин го повикаа локалното население да престане да јаде месо од кучиња, во обид да се подобри националниот имиџ.

Кучешкото месо се смета за деликатес во Виетнам.

Големата потрошувачка на месо од кучиња во земјата во минатото предизвика неколку кампањи за поголема благосостојба на животните, а Алијанската за заштита на кучињата проценува дека секоја година во земјата се убиваат и јадат низ рестораните пет милиони кучиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот