Уапсена 96-годишната Германка на која требаше да ѝ се суди за убиства од Втора светска војна
Ирмгард Фурнер (96), која денеска требаше да ѝ се суди за помагање и убиство на затвореници во нацистичкиот концентрационен логор, беше уапсена во Хамбург, откако не се појави на суд, пишува Си-Ен-Ен.
Откако утрово со такси го напуштила домот за стари лица каде живеела, полицијата ја уапси за време на патрола во северниот дел на градот.
„Полицијата ја изведе обвинетата пред судот“, рече судот во Ицехое, во близина на Хамбург. Сега лекарот треба да утврди дали 96-годишната е медицински спремна за притвор.
Таа работела како секретар на администрацијата на кампот
На Фурнер требало да и се суди пред провинцискиот суд во Ицехое за учество во убиството на 11.000 затвореници во логорот Штутхоф во близина на Гдањск за време на Втората светска војна, каде Фурнер работела како стенограф и секретарка на администрацијата на кампот. Судијата го одложил почетокот на судењето до 19 октомври поради тоа што обвинетата не се појавила пред судот.
Во писмото до судијата на почетокот на септември, Фурнер побарала од судијата да ја ослободи од обврската да присуствува на судењето од здравствени причини, што било одбиено.
„Неверојатен презир кон преживеаните“
Меѓународниот комитет Аушвиц денеска изрази револт поради тоа што обвинетата не се појавила на суд.
„Ова покажува неверојатен презир не само за владеењето на правото, туку и за преживеаните од Холокаустот“, се вели во соопштението на комитетот.
Поради големиот интерес на медиумите, судењето треба да се одржи во индустриска сала во предградието на Хамбург.