Уапсен еден од најпознатите фудбалери во Иран, властите го обвинија дека „шири пропаганда“

Фото:Screenshot/YouTube

Иранските безбедносни сили денеска го уапсија еден од најпознатите фудбалери во земјата, Ворија Гафури, обвинувајќи го дека шири пропаганда против Исламската република, но и дека сака да ѝ наштети на фудбалската репрезентација која настапува на Мундијалот.

Гафури е поранешен фудбалски репрезентативец и некогаш капитен на техеранскиот клуб Естеглал, јавно ги брани иранските Курди, а преку социјалните мрежи повикуваше „Владата да престане да ги убива“. Тој беше приведен и претходно, поради критикување на поранешниот ирански министер Џевад Зариф.

Во петок Иран го очекува натпревар против Велс, иранската репрезентација веќе беше дел од контроверзии со одбивањето на фудбалерите да ја пеат химната пред натпреварот против Англија.

„Гафури беше уапсен по тренингот на неговиот сегашен клуб Фулад Кузехстан со обвинение дека го нарушил угледот на националниот тим и ширел пропаганда против државата“, објави новинската агенција „Фарс“

Други медиуми отидоа и подалеку, пишувајќи дека Гафури „го навредувал националниот тим“.

Министрите во последните денови го обвинија Гафури дека е курдски сепаратист, но тој одговори дека е спремен и да го даде животот за Иран.

Гафури беше член на селекцијата на Иран за Светското првенство 2018 година, а тоа што не беше во составот за овој Мундијал се сметаше за изненадување.

Видео на денот