Творечка емпатија: Глоса за македонските писатели

Станав член на Друштвото на писателите на Македонија во 1992 година. Бројот на членовите на ДПМ тогаш не ја надминуваше бројката 250. Јас бев број 249. Тоа јасно го воочив кога акад. Р. Павловски ми ја покажа својата членска карта со двоцифрен број.

Помнам членските книшки и свеченото прогласување на новоизбраните беше во ресторанот во зградата на НИП „Нова Македонија“. Мислам дека таму беше закажано и годишното собрание. Откако заврши церемонијата, налактен на шанкот, добив низа честитки од некои од столбовите на книжевното небо. Прости ми, Господи, ама се возгордеав.

Со исто така новопримената членка на ДПМ, налактена и таа на шанкот, неколкупати си ги подадовме рацете честитајќи си оти зачекоривме, на бебешки нозе, по главната улица на книжевниот сообраќај во Р. Македонија.

Според статутот на ДПМ, можеше да станеш негов член ако имаш најмалку две отпечатени книги и, мислам, три рецензии од еминентни македонски писатели, кои позитивно ќе ги оценат приложените творби на Конкурсот за прием на нови членови. Рецензиите претставуваа сериозна препорака до која не се доаѓаше по кривулест пат.

На ова мое навраќање на почетокот на 90-тите години на минатиот век, ме наведе неодамна изречената емпатија кон писателската фела на еден мој познаник, инаку ликовен уметник. Во разговорот во кој скокавме од тема на тема, дојдовме и до тоа да ми изрази сочувство: „Во условите што ни ги наметна пандемијата и сите мерки на владата, вие писателите најмногу настрадавте. Ве жалам, денешницата ве потрупа како лава. Не знам, ќе се извлечете ли ненаранети од оваа примка на времето?“

Сакаше да каже дека стерната баботи, а нас нѐ нема ни со бубаќ да опитаме да ја затнеме. Не знам дали тоа сакаше да каже, но изреченото сочувство предизвика кај мене неколку прашања, кои побараа промислен одговор. А прашањата беа: „На кои писатели мисли пријателот? Знае ли тој што значи денес да си писател? Имаме ли ние денес писатели?“.

Ако мисли на импортните писатели и на нивните „рото романчиња“ што наликуваат на турските и латиноамериканските серијали, греши, зашто тие се продаваат како алва, па времето не им може ништо. Ако мисли на македонските писатели и овде греши.

Македонските писатели, пред сѐ, се професори со загарантирана државна синакура, новинари, пензионери со какви-такви пензиички и слични на нив. Никој не живее од писателскиот практикум, па, и ним времето не им може ништо. А.П. Чехов рекол дека медицината му е жена, а литературата љубовница.

И на македонските писатели литературата им е љубовница но, љубовница која го изневерува, и тоа неретко. Поради таквата изневера за која прво дознава пошироката читателска јавност, македонскиот писател запаѓа во апатија што најлошо му се одразува на творечката потенција. Станува срамежлив во изразот, а црвенилото што му го предизвикува срамот, се труди да го оправда со покачената температура од партизацијата на државата, во која тој најчесто ја греши страната.

Што се однесува до тоа – дали во Македонија има писатели (за цело време во текстот зборувам за писатели членови на ДПМ) сакале ние, или не, ќе кажеме дека има, и тоа булук. Во ДПМ се регистрирани над 500 членови. Може да се каже дека Друштвото на писателите има повеќе членови отколку неговите членови читатели.

После овие смирувачки одговори што сам си ги дадов на поставените прашања од самиот себе, имам огромна желба да го сретнам мојот пријател и да му кажам: „Емпатијата треба да ја насочиш кон македонските читатели зашто, Боже ме прости, не знаат што прават кога не купуваат книги од македонските писатели!“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот