Твоето или неговото презиме?
Зошто, всушност, жената се откажува од своето презиме? И, најважно, дали тоа е на нејзина штета? Има многу причини, но речиси сите се вкоренети во патријархалните традиции.
Твоето или неговото презиме? Застарен став што треба да го деконструираме.
Жените сè почесто го задржуваат своето презиме по стапувањето во брак. Додека во минатите децении овој избор беше речиси невозможен, младата генерација, особено немажените жени од генерација З, сè повеќе се интересираат за зачувување на својот личен бренд отколку за следење на традиционалните практики.
Зошто, всушност, жената се откажува од своето презиме? И, најважно, дали тоа е на нејзина штета? Има многу причини, но речиси сите се вкоренети во патријархалните традиции. Честите наслови како „господин и госпоѓа“ се поврзани само со презимето на мажот, што дополнително ја засилува подредената позиција на жената. На овој начин, жената се идентификува главно преку својата улога во семејството, често како сопруга и/или мајка.
Некои би рекле дека жената го избира презимето на сопругот за да имаат исто презиме како своите деца и да ги избегнат административните компликации. Но, зошто целото семејство не би се именувало според мајката? Ова би било дури и попрактично, особено ако се знае дека жените често се главните старатели на децата и по развод, децата обично остануваат со мајката. Или, пак, може да се следат примерите што се практикуваат во некои европски држави, на пример во Шпанија, каде сопрузите можат да ги задржат своите презимиња, а децата да ги носат и двете.
Што да кажеме за жените кои успеале да изградат успешен бренд или фирма поврзана со своето моминско презиме? Во денешната дигитална ера, презимето не е само етикета, туку е дел од професионалната кариера и дигиталното присуство, вклучувајќи ги и профилите на социјалните медиуми. Кога жената го менува своето презиме, често го губи континуитетот, особено кога вештачката интелигенција не ги поврзува нејзините претходни достигнувања со новото презиме. Замислете, сите ваши објавени трудови и профили да станат невидливи во дигиталниот вртлог. За среќа, 29 отсто од немажените жени што планираат да го преземат презимето на партнерот, велат дека не планираат да го користат професионално, што укажува на растечки тренд на жени што го разделуваат својот личен од професионалниот идентитет.
Постојат многу причини зошто треба да ги оспоруваме општествените норми што ги поддржуваат овие традиции. Именувањето на семејството и на децата според мажот е патријархален обичај што треба да се предизвика. Потребно е јавно да се деконструира митот што се пренесува од генерација на генерација. Презимето не е само етикета, туку извор на идентитет, гордост и наследство.
Не сакам да бидам погрешно разбрана; ја поддржувам слободата на индивидуалниот избор. И сама, несвесно, направив личен превид во именувањето на децата. Сепак, без разлика на изборот, никогаш нема да прифатам дека општеството очекува жените да се откажат од своето презиме, како да се помалку вредни од мажите. Важно е да се осигуриме дека сите избори се направени од страна на жените, без притисок или предрасуди, и дека никој/а не чувствува дека треба да се откаже од својот идентитет под превезот на традицијата.
(Авторката е експерт по спортска дипломатија)